Вести Македонија Најважни

Застарува предметот „Змиско око“ – обвинетите ќе бараат максимална отштета, велат: „ова е пирова победа“

Пред Кривичинот суд прегрнати по последното рочиште. Вака си честитаа обвинетите во предметот „Змиско око“.

Обвинителката предложи до судијата да донесе одлука за застареност на кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, на денешното рочиште.

Со тоа, предметот кој се води од далечната 2007 година е пред застарување, а обвинетите сега добија можност да ја тужат државата.

„Животот нѝ го претворија во еден судски процес којшто трае шеснаесет години. Верувајте нема пари, нема финансиски средства коишто можат да нѝ ги вратат животите назад. Поминавме низ безброј судски процеси, можеби 130 или 140 на број. Нема правда. И ова не е правда. Застарувањето не е правда“ изјави Никола Василкоски.

 

„Секако ќе ја тужиме државата и ќе бараме отштета. До максимум до каде што може да се оди, до каде што дозволуваат законските услови и прописи. Ова е на некој начин пирова победа за нас“ вели Љубомир Бундалески.

Предметот се води од 2007 година, а најголем дел од обвинетите беа инкасатори на наплатните рампи, кои во обвинителниот акт се товареа дека проневериле над милион евра. Повеќемина од обвинетите не го дочекаа крајот на „Змиско око“ и починаа во меѓувреме.

Предметот талка низ судските лавиринти со години. Се изрекуваа пресуди, па Апелација ги укинуваше и го враќаше предметот на повторно одлучување.

За сето тоа сега од одбраната на обвинетите најавуваат дека ќе бараат отштета од државата, а ако не – тогаш ќе следуваат и тужби.

„Ваквиот исход се разбира дека беше очекуван имајќи ги предвид измените на Кривичниот законик, конкретно на членот 353, став 5 бидејќи и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција изврши преквалификација во ставот 4. Меѓутоа имајќи предвид дека максималната казна е до пет години, апсолутна застареност стапува за десет години. Значи овој предмет е од 2007 година, па поради тоа Јавното обвинителство го повлече обвинението. Се разбира дека ќе се бара отштета барем за моите петмина властодавци. И тоа ќе биде за нематеријална штета бидејќи претрпеле разни трауми низ 16-17 години“ вели Насер Рауфи, адвокат.

 

„Согласно напатствијата од моите властодавци претпоставувам дека ќе бараме отштета. Со оглед дека доста голем период беа во една животна неизвесност. Има и многу на коишто им беше одземен имот или им беше замрзнат имот“ вели Марко Крстевски, адвокат.

Застарувањето на кривичното дело во предметот „Змиско око“ следува по измените на Кривичниот законик. Претходно, застаре и предметот „Таргет“ за најмасовното прислушкување.

Триесет и шест судски предмети со 197 обвинети за злоупотреба на службената положба во скопскиот Кривичен суд се засегнати со измените на Кривичниот законик.

Колку од нив ќе застарат, колку ќе бидат преквалификувани, а колку ќе завршат со поблаги казни – зависи пред сè од обвинителството и чекорите коишто ќе ги преземе.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европратениците утре ќе гласаат за извештајот за Македонија

Дејан Дејан

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе