Компјутери, податоци во дигитална форма и документација се одземени и запленети во вчерашните претреси на Клиниката за Онкологија но и во домови на вработени на клиниката, соопшти Обвинителството. Вештачењето ќе покаже дали заради профит се тргувало со терапија односно со животите на пацинетите на Клиниката кои зависат од неа.
Претресите се во рамки на предистрага Обвинителството отвроена по серијата текстови на неделникот „Фокус“ за постоење на разработена криминална мрежа од вработени во Клиниката кои ја препродавале скапата терапија така што во системот се внесувале фиктивни пациенти, на дел од пациентите наместо неопходната целосна терапија им се давала половична терапија разредена со билошки раствор а остатокот се препродавал на црниот пазар.
„Припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и на уште две локации во приватни станови во Скопје. Одземени беа компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење.ОЈО Скопје и МВР продолжуваат да преземаат дејствија во предистражна постапка, поведена врз основа на наводите во новинарски текстови на еден неделник поврзани со работата на Клиниката. Проверките се прават со цел обезбедување докази за да се испитаат евентуални обележја на кривично дело“, соопштуваат од Обвинителство.
Според извори на „Телма“ симптоматската терапија, спротивно на сите протоколи, им се давала на пациенти да ја терапираат дома, а одговорни во клиниката од клиничката амбилата преку фиктивни налози за пациенти ја изнесувале и ја препродавале .
Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска даде поддршка на Обвинителството во расчиствување на случајот.
„Како министер силно ги осудувам сите обиди или дејствија, на поединци или групи кои преку дискрециони овластувања и начини на носење на одлуки во сопствена корист, направиле ненадоместива штета врз здравјето и животот на пациентите, граѓаните и државата. Очекувам институциите да се произнесат брзо по однос на истрагата“, порача министерот за здравство Фатмир Меџити
Истакнати здравствени работници преку социјалните мрежи јавно го искажаа гневот и разочарувањето на наводите за трговија со лекови Клиниката за онкологија и побараа најстроги казни.
Државните ревизори во април годинава го објавија извештајот за работата на Клиниката за 2021 година во кој се нотирани пропусти при набавка на биолошка терапија, акцелератор кој фаќа прав, монополски тендери, лошо планирање на системот за приклучување на пациенти на терапијата, пречекорување на Буџетот за над 10 милиони евра и ненаплатени долгови од речиси 3,5 милиони евра. Во процесот на терапирање на пациентите, ревизорите утврдиле дека во 2021 година немало протокол и докторите одлучувале кој ќе добие биолошка терапија без да се провери залихата на терапијата и дали има доволно за пациентите кои веќе се поставени на оваа терапија што подоцна било корегирано.
Во март годинава медицинска сестра од дневната болница на Клиниката украде дваесетина ампули од различни видови цитостатици вредни неколку илјади евра и откако беше фатена преку видео-надзорот се предозира со апчиња и беше хоспитализирана на Клиниката за токсикологија.
Огнен Чанчаревиќ
