Вести Македонија Најважни

Секој во својот ров – власта и опозицијата со бетонирани ставови пред собраниската седница за уставните измени

На ден до седницата за уставните измени во Собранието, власта и опозицијата остануваат на своите непроменети ставови. СДСМ очекува сите пратеници во Собранието, вклучително и опозициските, да покажат одговорност, да се приклучат на проевропскиот блок, и да дадат поддршка за уставните измени. ВМРО-ДМНЕ, пак, останува на континуираниот став дека измени на Уставот во ваков формат под бугарски диктат нема да поддржат.

Владеачката СДСМ очекува сите пратеници во Собранието, вклучително и опозициските, да покажат одговорност, да се приклучат на проевропскиот блок, и да дадат поддршка за уставните измени, изјави вчера пратеничката Фаница Николоска.

„Очекувам сите 120 пратеници да се стават на висината на задачата, да ја сфатат одговорноста којашто сите ја имаме пред граѓаните. Ова на Мицкоски му е последната можност да се приклучи кон проевропскиот блок. Мицкоски и ДПМНЕ ја имаат можеби последната шанса да покажат чувство на одговорност пред граѓаните, затоа што наша обврска како политичари е да им обезбедиме сигурна иднина на граѓаните. Како што нашите предци овозможиле услови да живееме во слободна, самостојна и суверена држава, така и опозицијата да се приклучи и заеднички да создадеме просперитетна Македонија во која идните генерации ќе ја планираат иднината дома“, порача Николоска на прес-конференција во седиштето на СДСМ.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на утрешната пленарна собраниска седница ќе ги повтори аргументите кои ги има и останува на континуираниот став дека измени на Уставот во ваков формат под бугарски диктат не се можни и нема да поддржиме, најави вчера координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Никола Мицевски.

Како што рече Мицески, уште на гласањето на дневниот ред ќе се види дали власта има мнозинство за донесување на уставните измени или не и ќе се согледа дали една година манипулираат со бројката за цензусот и за оние кои даваат поддршка на уставните измени.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вчера од Гостивар порача дека избори, апсолутно не се излез ниту решение, единственото решение е да се пристапи кон уставни измени и тие да бидат поддржани од сите парламентарни партии.

„Не, апсолутно не се излез изборите. Изборите не се решение. Единствено решение коешто е добро за вас, за нас, за сите граѓани, за цела наша држава, за цел наш регион е да пристапиме кон уставните измени. Да ги поддржиме консензуално и СДСМ, и ДУИ, и Алијанса, и ВМРО-ДПМНЕ и сите други политички партии кои се дел од нашето Собрание“, рече Груби во Гостивар, во изјава за медиуми на „Саемот за вработување“ во организација на конзорциумот „Бехтел&Енка“, кој ги гради Коридорите 8 и 10д.

Во пресрет на собраниската седница за уставните измени, министерот за надворешни работи и потпретседател на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи преку својот Фејсбук профил повикува „да не дозволиме да се дефокусираме и да се дезориентираме, туку да го задржиме курсот и родителската одговорност пред идните генерации“.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мерц не сака повторно отварање на гасоводот „Северен тек 2“

Дејан Дејан

Алиу: Мој термин ќе добие јасно дефинирани протоколи за упатување на пациенти кај стручни медицински лица

Дејан Дејан

Утре и задутре во Скопје посебен сообраќаен режим поради средбата на лидерите од Западен Балкан

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе