Како на регрутација за во војска, ама униформата ќе биде работна со симболот на Бехтел и Енка, а платата од овој конозрциум, со пари од државниот буџет. Наместо со лопата и црвена машничка, проектот Коридори 8 и 10 Д, речиси половина година по потпишувањето на договорот, почна со саем за вработување. Засега не се открива колкава точна бројка на вработени им треба и кои компании ќе чепнат од бизнисот вреден околу милијарда и триста милиони евра.
-Нема фиксен број колку локалниот синџир на снабдување ќе придонесе. Ќе работиме со онолку локални синџири на снабдување колку што можеме, истото важи и за вработени, мораме да стасаме до бројка од 2.000 луѓе до првата половина на следната година, што поголем број од вработените се локалци, тоа подобро. Што се однесува до камповите, на почетокот ќе имаме два кампа – еден за Коридор 8, сместен во Гостивар и еден помеѓу Прилеп и Битола за Коридорот 10Д, рече Џош Бејкер проект менаџер во „Бехтел и Енка“.
Секако тука да припомогне со свое објаснување беше и првиот вицепремиер, задолжен за проектот со Коридорите.
-Нашата намера е да го максимизираме искористувањето на локалните вработени и компании. Ако успееме тоа да биде 100 проценти, тогаш тоа ќе биде 100%, изјави Артан Груби, прв потпретседател на владата.
Новинарите го прашаа американскиот менаџер и колкава плата ќе добиваат вработените на проектот.
-Платите ќе бидат во зависност од тоа за каква позиција се работи, ги порамнивме платите со оние на локалниот пазар на труд, тоа беше мошне важно за нас, рече американскиот менаџер Бејкер.
Интерес меѓу граѓаните имаше, но не и да се каже од многумина нешто пред камерата на Телма, а еден од анкетираните дури тврдеше дека не е битно дали ќе работи 40 часа неделно како што е по закон, или 60 часа и повеќе како што инсистираше американско-турскиот конзорциум.
-Економист сум, се надевам. Па ако добро се плаќа не би било проблем да се работи по толку, одговори еден од заинтересираните за работа на прашањата, за каква работа е квалификуван и дали би работел по 60 часа неделно.
-За администрација сакам да се пријавам, за 60 часа неделно не би ми одговарало, рече една жена која беше на саемот.
Најбитното прашање е кога ќе почне изградбата. Од Бехтел и Енка одговараат, се прави планот за експропријација, а прецизен одговор нема, се бројат недели.
-Навистина го туркаме, почетокот на градежните работи што е можно поскоро. Многу работа има во договорите во поглед на геотехничката работа, во поглед на дизајнот, да се вработи клучниот тим, доста беше завршено во настанот денеска Тесно соработуваме со Владата и локалната самоуправа во поглед на експропријацијата, блиску сме со дизајнот, така да, навистина веќе следната недела ќе почнеме со работа.Односно не следната туку во текот на следните неколку недели, рече Бејкер.
Граѓаните очекуваа дека за неколку недели ќе се решат и спорните прашања во договорот за надзор во кој учествуваат домашни фирми со никакво искуство во градежништво и луѓе кои се на потерници за кривични дела поврзани со градежништво, како и спорната одредба за предолга работна недела, за што повторно ќе расправа и Уставниот суд.
Се уште се чека на резултати за расчистување на контроверзите со овој проект кој треба да заврши за помалку од 5 години и во тој период Македонија да добие околу 109 километри нов автопат.
Миомир Серафиновиќ