Русија ја лансира својата прва мисија на Месечината по, речиси, 50 години. Лансирањерто на леталото „Луна-25“ утрово беше прво руско од 1976 година, кога земјата беше дел од Советскиот Сојуз и изведено е без помош на Европската вселенска агенција која ја прекина соработката со Русија по инвазијата на Украина.
Ракетата Сојуз 2 1v која го носи леталото „Луна-25“ е лансирана утрово (02:11 часот по московско време) од космодромот Восточни кој се наоѓа 5.500 километри источно од Москва.
Четириножното летало е тешко, отприлика, 800 килограми и за пет дена треба да стигне во орботата на Месечината. Потоа ќе мине три до пет дена во потрага по вистинско место пред слетување на подрачјето на јужниот пол на Месечината.
„Првпат во историјата ќе се случи слетување на јужниот пол на Месечината. Досега сите слетуваа во екваторијалната зона“, рече Александар Блохин, висок претставник на „Роскосмос“.
Јужниот пол на Месечината е од посебно значење за научниците кои веруваат дека поларните кратери, што се постојано во сенка, би можеле да содржат вода. Замрзната вода во карпите би можела да биде претворена во воздух и во ракетно гориво од идните истражувачи.
Мисијата на „Луна-25“, според најавите, треба да остане на Месечината една година и ќе собере примероци од карпите и прашината. Тие се клучни за истражување на опкружувањето на Месечината, пред изградба на каква било база таму.
Последните руски обиди за слетување во вселената во 2011 година, односно 2016 година, завршија без успех. Од тогаш и Индија се обиде да слета на јужниот пол на Месечината во 2019 година, обид што заврши со уривање на леталото на површината на Месечината.