Повик за обединување околу европската иднина на земјата од најголемите владеачки партии. Нудат Манифест како собраниска основа за градење единство како да се водат преговорите со ЕУ и како да постапуваат надлежните институции.
СДСМ порачува:
-Сите политички лидери се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, при тоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности. Во Собранието, без разлика на составот на владеачкото мнозинство, сите се обврзуваат да соработуваат и да го водат преговарачкиот процес отворено и транспарентно.
Власта изјавува ќе ги реализира обврските од политичките критериуми, меѓу кои владеење на правото, борба против корупцијата, демократски институции, добрососедски односи, заштита на човековите права и друго. Во соопштението од ДУИ пишува:
-Владата нема да прифати да преговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа што е наведено во Преговарачката рамка. Се задолжува Владата доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на заедниците, како елементи за кои не се преговара со Европската унија.
За побрзо завршување на преговарачкиот процес, сега е време за современ патриотизам и усвојување на уставните измени, тврди Алијанса.
-Време е за обединување на политичките партии, неполитичките субјекти и невладини организации со потпишување на заеднички Манифест со кој сите ќе се обврзат на ефикасно и квалитетно водење на преговорите за пристапување во ЕУ.
ВМРО ДПМНЕ бара време да го разгледа документот. Тоа што е напишан без консултации власт-опозиција го смета за отсуство на капацитет за консензус.
-Со овој чекор, власта уште еднаш ја испушта можноста за консензус. Седнале Османи, Груби и можеби Маричиќ, напишале документ кој го насловиле како Манифест и откако самите го дефинирале, го пуштаат во форма на соопштение преку сервисната служба на СДСМ до јавноста со повик ВМРО ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ. Освен тоа што со овој чекор тие признаваат дека не мрднале ниту милиметар во насока на остварување на стратешките интереси на државата, тие покажуваат и отсуство на целосен капацитет за градење на консензус. ВМРО ДПМНЕ откако официјално ќе го добие тој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став, изјави портпаролот Наум Стоилковски.
На иницијативата за Манифест се потпишани 12 парламентарни партии од власта. Нагласуваат дека е отворен за широка општествена поддршка. До почетокот на собраниската дебата за потребата од уставни измени остануваат уште десетина дена. Уставот не може да се отвори без дво-третинско мнозинство и без поддршка од ВМРО ДПМНЕ.
Соња Николовска
