Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против Предлог за пристапување на измена на Уставот и на утрешната собраниската Комисија за уставни прашања, со која треба да започна собраниската процедура за уставни измени, но и на собраниска седница на истата тема закажана за 18 август. Ова денеска го соопшти лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, кој ставањето на текстот на предлог-уставните измени на дневен ред го оцени како нелогичен потег.
„Кога ќе биде точката ставена на дневен ред, членовите од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против. Така ќе биде и на самата седница кога овие уставни измени предвидени според т.н. Комисија уставна, предводена од Цаца Николовска се доставени во Парламент. Не знам која беше причината и кој беше мотивот содржината да се стави, бидејќи за да отпочнат едни уставни измени никаква потреба нема во првиот чекор да ја имаме содржината на истите. Туку, ако е иницијатива за отворање на Уставот, се поднесува иницијатива за отворање на Уставот“, изјави Хртистијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
За најавите дека собраниската седница за отворање на Уставот ќе стартува на 18 август, а која според деловникот може да трае најмногу 10 работни дена, не се очекува да заврши пред крајот од септември, со цел да се обезбеди двотретинско мнозинство со премислување на пратеници од ВМРО- ДПМНЕ да гласаат за уставните измени, Мицкоски со категорично не.
„Јас ви велам дека такво нешто нема, затоашто, ако имаше изминативе година дека, ако им пречеше Христијан Мицкоски, они можа еве веднаш да завршат со мене, и да не им пречам повеќе. Да не им пречам. Еден човек требаше да најдат, тие не успеја. Што ги спречуваше изминатав година дена тоа да го направат. Отпочнаа процедура за која што немаат поддршка и нема да имаат“, вели Мицкоски.
Дека во собранието се уште нема доволен број пратеници кои би го отвориле Уставот за менување на Преамбулата со впишување на Бугарите во неа како и делови од уште пет други народи кои живеат во Македонија – Хрватите, Словенците, Црногорците, Египќаните и Евреите, индиректно вчера потврди и претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој отворено кажа дека не очекува гласањето за отворање на Уставот да се случи пред крајот на септември.
Според Пендаровски во месеците кои претстојат, и покрај сите разлики, ќе се интензивираат разговорите меѓу власта и опозицијата за уставните измени, со дополнителен меѓународен притисок сега да се искористи моментот за затворање на тоа прашање.
Мицкоски пак денеск за предупредувањата на странските претставници дека доколку не се случат уставните иземни ќе се раздели пакетот, Македонија – Албанија, во пристапниот процес, со одговор дека доколку странските бирократи, како што ги нарече, тоа го дозволат, ќе направат уште една историска грешка и неправда кон Македонија.
Тамара Грнчароска
