Дневната светлина ја откри денеска големината на катастрофалната железничка несреќа во источна Индија во која повеќе од 260 луѓе ги загубија животите а над 1000 се повредени.
Меѓу 10 и 12 вагони од патнички воз, преполн со патници излетале од шините. Дел од остатоците од овие уништени вагони завршиле на соседната пруга. Во нив потоа удрил друг патнички воз кој доаѓал од спротивниот правец и уште дополнителни три вагони излетале од шините.
Според индиските медиуми, во страотниот судир учествувал и трет, товарен воз, откако некои од излетаните вагони од патничките возови со полна брзина удриле во дел од вагоните на товарниот воз.
Официјална информација за најлошата несреќа во последните 20 години во Индија, засега нема и тоа дополнително ќе треба да го утврди истрагата, соопштија надлежните.
„Комитет на високо ниво и комесарот за безбедност на железниците ќе спроведат истрага за да ги откријат причините за овој несреќен случај“ – вели министерот за железници на Индија, Ашвини Ваишнав.
Набргу откако се проширила веста за ужасната железничка несреќа во индиската држава Одиша, започнала масовната спасувачка операција и потрага по преживеани луѓе.
Возот, чии вагони излетале од шините, патувал од градот Ховра во државата Западен Бенгал до Шенаи, главниот град на државата Тамил Наду.
Повеќе од 1200 –те спасувачи и полицајци, заедно со 115 амбулантни возила пристигнале на локацијата каде се случила несреќата, по што започнала френтичната потрага по преживеани и обидот да се спасат што е можно повеќе луѓе, заробени во превртените вагони.
Претпоставките се дека во остатоците од вагоните се наоѓаат неколку стотици луѓе. Властите предупредуваат дека бројот на жртви дополнително ќе рас
„Длабоко сум вознемирен од оваа екстремно трагична железничка несреќа. Морам да им се заблагодарам на локалните жители, локалните спасувачи и останатите кои работеа цела ноќ да ги извлечат преживеаните од остатоците од возовите“ – оцени првиот министер на Одиша, Навин Патнаик.
Утринава на местото каде се случи катастрофалната несреќа пристигна и премиерот на Индија, Нарендра Моди, кој најави дека сите ресурси со кои располагаат властите ќе бидат искористени да се спасат што е можно повеќе човечки животи.
И покрај обидите на индиската влада да ја подобри безбедноста на железничкиот сообраќај, на пругите во Индија секоја година има по неколку стотици несреќни случаи.
Во Август 1995-тата година, два воза директно се судрија во близината на Њу Делхи, при што 358 луѓе ги загубија животите во најлошата железничка несреќа во историјата на Индија.
Најголем дек од железничката несреќа се резултат на човечка грешка или нефункционалната опрема за сигнализација.
Индиската железница е најголемата мрежа на возови под една управа во светот.
Повеќе од 12 милиони луѓе патуваат со 14 000 возови во Индија, секој ден, при што минуваат низ 64 000 километри пруга.
Никола Илиевски