Лидери од 47 европски земји денеска се собраа на Самитот на Европската политичка заедница во Молдавија.
Ќе се разговара за три теми: заедничките напори за мирот и безбедноста, енергетската отпорност и климатска акција и поврзаноста во Европа за постабилен континент.
Освен земјите членки на ЕУ, на самитот поканети се и шесте земји од Западен Балкан.
Ова е втор самит на Европската политичка заедница по оној што се одржа во октомври во Прага.
Телма го следи самитот во Молдавија и за него за вестите во 12.30 известуваше Марија Дивитарова
На самитот учествува и македонска делегација, предводена од премиерот Ковачевски.
Тој во изјава за медиумите оцени дека пораките на Европската Унија се јасни и дека сега е моментот Македонија да продолжи напред на патот кон Европската Унија.
„Она што претстои пред нас е вклучување на други делови од народи во нашиот Устав, вклучително и бугарскиот народ. Со тоа сметам дека се постигнува уште една многу значајна цел, бидејќи конечно веќе ќе се стави крај на онаа теза што беше дека се работи за еден народ во две држави.“ – вели Ковачевски.
Тој додава дека државата, според него, има капацитет да ги спроведе тешките одлуки.
На самитот една од темите е и ситуацијата во Косово, при што претседателката Вјоса Османи изјави дека фокусот на меѓународната заедница сега треба да биде врз српскиот лидер, Александар Вучиќ, кој треба конечно, според неа, да сфати дека Косово е независна држава.
Од своја страна, Вучиќ не очекува кризата на Косово да ја загрози безбедносната стабилност во регионот, додавајќи дека Србија е фокусирана токму на тоа, таквиот развој на ситуацијата да се избегне.
Според шефот на надворешната политика на Европската Унија, Јосеп Борел, најважно е сите да сфатат дека насилството не е патот напред
„Сите мора да се обидат да ја избегнат ескалацијата и некоординираните потези.“ – додава Борел.