Иницијативата за уставни измени што завчера ја подготви Работната група `се уште патува кон Владата. Во наредните денови ќе биде разгледана и испратена до Собранието. Амбасадорите и целата меѓународна јавност без заобиколување директно ни порачуваат дека Собранието без двоумење треба да ги изгласа овие амандмани. Американската амбасадорка Агелер само ги повтори пораките на сенаторот Марфи.
Ако тешките одлуки за напредок во европските интеграции не се донесат до крајот на годината, сигурно ќе има луѓе во САД, во Белата Куќа, во Капитол…, кои ќе се прашуваат колкава е посветеноста на вашата земја кон ЕУ интеграциите и европскиот пат. Мислам дека тоа беше покажано при зачленувањето во НАТО. Нема потреба да интерпретирам што кажа сенаторот. Тој беше многу јасен, порача агелер.
Дел од домашните аналитичари калкулираат дека, со оглед на големиот меѓународен притисок, би можело да дојде до промена на ставот на ВМРО-ДПМНЕ, или барем на дел од пратениците.
Господинот Мицкоски понекогаш избрзува со неговите ставови и изјаснувања па потоа му е тешко да ретерира. Но, на партијата може да ѝ наштети ако и натаму продолжи тврдоглаво да им опонира на сугестиите од меѓународната заедница и од тукашниот прогресивен дел од политичките чинители, смета аналитичарот исмет рамадани.
Вицепремиерот Маричиќ е уверен дека уставните измени што ги подготви Работната група никому нема да му наштетат. Може да се изгласаат во постапка што трае од 3 до 4 месеци и ќе заврши до крајот на скринингот во ноември, по што патот за кластерите е отворен. Потоа, вели дека ќе има време и за поинакви уставни измени што ги бараат партиите и судскиот систем.
Сметам дека, како што рече сенаторот Марфи, тоа е една техничка измена која само ја продолжува низата од неколку заедници со додавање на уште неколку други. Од тоа никој не може да има штета. Би било штета во оваа фаза самите да го сопреме нашиот европски пат заради оваа измена која консензуално беше усвоена во Работната група, вели маричиќ.
Работната група предложи наместо шест, да бидат наброени 12 делови од народи во Преамбулата и во членовите што се однесуваат на дијаспората и на Комитетот на заедници. Но за сега, ВМРО-ДПМНЕ не дава знаци на попуштање.
Го охрабруваме Ковачевски да не се плаши истиот тој предлог да го помине на Влада уште во понеделник и веднаш да го пушти во Собрание. Очекуваме дека во моментот кога ќе види дека нема дво-третинско мнозинство за уставни измени, да поднесе оставка и да побараме предвремени избори, вели пратеникот никола мицевски.
Европската иднина на земјата и односите со соседните земји ќе бидат двете теми за кои ќе се обидат да се усогласат лидерите на двете најголеми партии, Ковачевски и Мицкоски. Вчера премиерот најави дека ќе го покани опозиционерот на лидерска средба во наредните десетина дена. Мицкоски прифати, најавувајќи од напред дека обидот за менување на Уставот ќе биде неуспешен и дека треба да се разговара – што потоа.
Соња Николовска
