Втор дом на децата во кој третина од нив не се чувствуваат безбедно. Поразителни резултати даде извештајот на тимот истражувачи од УКИМ – 37 отсто од 2.000 анкетирани ученици истакнале дека не им било пријатно или не сакаат ниту да одат на училиште кога биле жртва на врсничко насилство. Овие податоци доаѓаат само неколку дена откако образовните власти и други експерти од разни области, разговараа како да го подобрат образованието и училиштата да ги направат побезбедни.
„Женските деца се оние коишто се многу поемпатични, многу посензитивни, во многу поголема мера го извршуваат психичкото насилство меѓутоа и се жртви на психичко насилство. Кога станува збор за физичкото насилство, најчесто машките деца се оние коишто во поголема мера го вршат, односно 12% од децата истакнале дека извршиле некаков вид на физичко насилство. Меѓутоа дури 24% од децата велат дека се жртви на физичко насилство. За мене поголем аларм е тоа што 27% од децата немаат на кого да му соопштат или не знаат каде да соопштат доколку се чувствуваат како жртва на насилство“, изјави д-р Софија Георгиевска, универзитетска професорка.
Училиштата да се претворат во безбедносна зона. Нема доволно обезбедување во училиштата, констатираат експертите за безбедност. Професорот Ѓуровски вели дека со реформите, потребно е и да се воведе предметна програма со безбедносна содржина за учениците. Важни се и контролите на тоа – кој и како поседува и чува оружје дома, поучени од хоророт којшто се случи во основно училиште во Србија.
„На пример, ова училиште зад нас има еден службеник за обезбедување и истото училиште има три влеза. Оттука сметам дека дополнително треба да се разгледаат сите сегменти на заедничката споделена одговорност на јавната безбедност и на приватното обезбедување. Дополнително, треба да се ангажира Министерството за внатрешни работи, да направи контрола на лесното и мало оружје кое го поседуваат граѓаните и сега е моментот кога се врши пререгистрација на дозволите кај граѓаните и мора да се зајакне контролата на начинот на чување на оружјето и почитување на регулативата кај стрелиштата“, вели проф. д-р Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир.
И шефот на Јавното обвинителство, Јовески, побара од јавните обвинители построги санкции за недозволено поседување и трговија со оружје. Трагедиите во српското општество се аларм и за нас. Според него, кај нас постои тренд на намалување на возрасната граница на сторители на тешки кривични дела, а тоа е нешто што загрижува. Министерот за внатрешни работи, Спасовски порача дека родителите имаат сериозна одговорност, осврнувајќи се на контролата врз децата во однос на пристапот на интернет и социјалните мрежи. А, за сајбер-просторот, сега институциите се на потег. Се проценува какви безбедносни ризици постојат од мрежата ТикТок, а потоа ќе се носи одлука дали делумно или целосно ќе се ограничи пристапот до истата, за одредени возрасти.
„Заедно со Министерството за информатичко општество, со АЕК и другите институции во доменот на функционирање на ТикТок, ќе ги разгледаме сите можности за начинот на употреба на ТикТок како апликација“, информира министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Новиот Протокол, за кој експертите најавија низа состаноци и темелни анализи – ќе биде готов до септември. Ова што се прави засега се само првични мерки, а од новата учебна година освен нов протокол ќе има и повеќе прирачници. И воспитната програма ќе подлежи на преиспитување, исто како и работата на центрите за социјална работа.
Петар Догов
