Италијанската пресметка помеѓу Милан и Наполи паѓа во сенка на дуелот помеѓу европскиот шампион Реал Мадрид и Челси. „Кралевите“ лани на патот до 14-тата титула во Лигата на шампиони го елиминираа токму лондонскиот премиерлигаш и тоа во четвртфиналето. Двомечот беше возбудлив со тоа што шпанскиот тим славеше со 3-1 во Лондон, но „сините“ се реваншираа во Мадрид со 2-3, што не беше доволно за прогрес понатаму.
Интересно е тоа што овие два тима играа и во полуфиналето во 2021 година, кога Челси стана европски првак, а го елиминираше Реал со вкупни 3-1. Се чини дека оваа сезона шпанскиот тим е во сериозна предност, бидејќи Челси има кошмарна сезона и се наоѓа на 11.место во Премиерлигата. Затоа промени и двајца менаџери Томас Тухел и Греем Потер и го врати Френк Лампард за втор мандат да ја доврши сезоната.
Карло Анчелоти за овој прв четвртфинален дуел не може да смета само на Ферлан Менди, кој е повреден, додека на спротивната страна Френк Лампард нема проблеми со изборот на играчи.
На „Сан Сиро“ седумкратниот европски првак Милан го пречекува својот ривал од Серија А Наполи. „Росонерите“ можеби ја имаат историјата на своја страна, но кај „наполитанците“ е сегашноста, кои се на дофат до титулата во Серија А, прва по 1990 година. Милан сезонава се мачи во домашното првенство, но интересно го декласираше Наполи на стадионот „Диего Армандо Марадона“ пред две недели со 0-4. На првата меѓусебна средба во Милано победи Наполи. Елиф Елмас и дружината се фаворити особено што добрата форма од домашното првенство ја пресликаа и во елитата. На вкупно осум натпревари, „наполитанците“ победија на седум, а загубија од Ливерпул со 2-0 во последното коло од групната фаза, кога веќе го имаа потврдено првото место.
Лучијано Спалети за овој дуел има сериозен проблем, бидејќи не може да смета на првиот голгетер Виктор Озимен, но и на неговата замена Џовани Симеоне. Кај Милан, Стефано Пиоли не може да смета само на стоперот Пјер Калулу, како и Златан Ибрахимовиќ, кој не е ни регистриран за ЛШ.
