Вести Македонија

ЕК ќе ги прераспределува непотрошените пари од Планот за раст

Европската комисија (ЕК) до крајот на месецов ќе ги извести земјите-членки на ЕУ за прераспределба на непотрошените пари од Планот за раст од страна на Босна и Херцеговина, Косово и Србија, на три држави Црна Гора, Албанија и Македонија кои покажале резултати во спроведување на реформската агенда. Информациијата ја објави „Евроњуз“, но без детали колку средства ќе се отпишат од трите држави и на кој начин тие ќе бидат прераспределени за користење на другите три земји од Западниот Балкан.

Други опции кои се разгледуваат во Брисел за непотрошените средства се и рамномерно распределување меѓу сите земји од Западен Балкан за техничка помош, префрлање на парите на други земји-кандидатки надвор од регионот, како и враќање на парите во буџетот на ЕУ.

Ако се реализира овој план на Комисијата парите да ги добијат трите држави, тоа ќе биде можност за дополнителни средства за државите од тоа што го имаа досега како можност да повлекуваат за спроведените реформи. Македонија со Планот за раст имаше на располагање 750 милиони евра од кои досега повлече само 142 милиони евра со реализирани 19 од 50 чекори од декември 2024 до декември 2025 година.

Од Министерстовто за европски прашања (МЕП) за Телма информираат дека заклучно со јуни 2026 очекува да бидат реализирани уште околу 19 чекори, за што извештај треба да се поднесе до Европската комисија до 15 јули.

„Согласно нашите проекции за тековниот извештаен период, очекуваме успешно исполнување на околу 19 од вкупно 51 реформски чекор, што би овозможило дополнителна исплата во бруто износ од околу 100 милиони евра, наменети како буџетска поддршка и за инвестиции преку Инвестициската рамка за Западен Балкан“, наведуваат од МЕП.

Ваквите бројки укажуваат дека Македонија заклучно со јуни 2026 година ќе има заостанување од 31 чекор од реформската агенда за кои се предвидени 152 милиони евра. Ако очекувањето на министерството, 19 чекори да донесат 100 милиони евра, се пресмета низ бројки, покажува дека владата е свесна дека ќе остане покуса за вкупно 170 милиони евра од почетокот на реализацијата на реформската агенда заклучно до јуни.

Притоа останува нејасно колку од нереализираните реформи ќе бидат оние 10 чекори на кои грејс-периодот за реализациија им истече на 30 јуни или од 20 чекори предвидени за реализација од јанури до јуни 2026 за кои грејс периодот почна да тече пред два дена.

Ристевски, пак, за прераспределбата на средствата која се најавува од Брисел, вели е добра иницијатива.

Според податоците на Европската Комисијата, само околу 673 милиони евра се ослободени во рамките на Планот за раст, од достапните шест милијарди евра за земјите од Западниот Балкан.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зошто Скопје се поплавува на секој посилен дожд

Sonja Petrusevska

Правна разврска за насилството во паркот „Ентер“ во Аеродром, што ја згрози Македонија

Дејан Дејан

Премиерот повикува да се повлечат амандманите за Изборниот законик, СДСМ одбиваат

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе