Вести Македонија Најважни

Правна разврска за насилството во паркот „Ентер“ во Аеродром, што ја згрози Македонија

Случајот со насилство во Аеродром што ја згрози целата држава, тргнува по правна разрешница. Дванаесетгодишното девојче, кое беше нападнато од група тинејџери, по инцидентот било прегледано од лекар, а против две малолетнички ќе бидат поднесени кривични пријави за насилство. Кривична одговорност ќе се бара и од нивните родители поради запуштање на малолетници.

Нападот се случил токму на ова место, во паркот наречен „Ентер“ во Аеродром, зад ТЦ Бисер – локација која во последните месеци сè почесто е сцена на насилни инциденти и пресметки помеѓу малолетници.

Од полицијата велат дека на распит биле повикани трите девојчиња кои учествувале во нападот, момчето кое ги снимало видеата, како и уште двајца малолетни сведоци. Сите биле сослушани во присуство на родители.

„Ние ќе си ја сработиме работата како Министерство за внатрешни работи, онака како што сме ја сработиле работата и во рамки на другите случаи во минатото. Но, очигледно дека она коешто го работи МВР не е доволно, односно понатаму во овој предмет треба да постапи и Јавното обвинителство и Судот. И сето тоа да биде соодветно споделено со јавноста, преку медиумите да бидат запознаени сите оние коишто во иднина повторно ќе се дрзнат да направат вакво насилство – да знаат дека за истото следи санкција“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи. 

Граѓаните од околината не виделе со свои очи, но од интернет и телевизија сите знаат за инцидентот. Вината за таквото однесување на малолетниците ја гледаат најпрво во родителите и домашното воспитување. Дел од анкетираните дадоа и свои предлози како да се превенираат ваквите сцени во иднина.

„Сепак е до домашното воспитување, не од друго. Треба родителите да си поведат сметка за нив. И јас сум имал дечиња ама тоа не е така, во наше време друго беше. Сега на овие дечиња не смее човек ништо да им рече, толку се вулгарни!“, вели еден од анкетираните граѓани. 

„Интернетот и социјалните мрежи многу влијаат. Лоша работа. И многу се дрски“, додава друга. 

„Редно време е врсничкото насилство веќе да се искорени или барем да се стави во некои институционални рамки во кои тоа ќе биде повремена појава. Има можности, има начини да се среди сето тоа. Дали ќе одиме преку некое намалување на границата на деликтна одговорност на малолетници или ќе одиме на некоја друга варијанта, за тоа институциите се надлежни да одговорат“, додава еден граѓанин. 

„Треба да се обрне поголемо внимание на децата од страна на родителите. Сепак да ги контролираат на некој начин така, да не осетат децата како – ама тие да знаат што е и како е. Мислам дека така ќе се намали тоа“, кажа уште еден од граѓаните коишто ги прашавме. 

Врсничкото насилство во последно време зема замав. Насилството меѓу младите има надвор од училиштата. Но, од почетокот на годинава се регистрирани 93 инциденти меѓу ученици во 64 училишта.

Во Законот за основно образование кој сѐ уште е во собраниска процедура, се предвидуваат казни од 250 евра за родителите чиишто деца ќе малтретираат друго дете во рамки на училиштето. Законот се очекува набрзо да биде донесен.

Адвокатите коишто работат на вакви предмети се на став дека дури и кога ќе дојдат на Суд родителите како обвинети, сепак остануваат неказнети, како што беше во последниот случај во Штип.

„Кога знаат децата дека ќе поминат со поблаги казни од типот на укор или засилен надзор од страна на родител, а кога пак родителите знаат дека нема да бидат казнети и одговорни за некое дело, сето тоа дава една лагодност и практично се случува тоа што се случува. И ова сѐ почесто ќе биде. Не еднаш месечно, ќе се случува и еднаш неделно, а може и еднаш дневно“, вели Маја Ристова, адвокат. 

Пријавата за насилството во Аеродром била поднесена откако веќе беше објавено видеото од малтретирањето, а потоа е отпочната и истрагата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Премиерот повикува да се повлечат амандманите за Изборниот законик, СДСМ одбиваат

Sasko Dimovski

Невремето за кратко време го потопи Скопје, под вода и подрумските простории на Клиниката за радиологија

Sonja Petrusevska

„Уште ми фалиш“ со 10 најголеми хитови – „Дац&Александар“ ја промовираа својата грамофонска плоча со поддршка на „Макпетрол“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе