Вести Македонија Топ вести

Зошто Скопје се поплавува на секој посилен дожд

Секој малку посилен дожд буквално целосно го парализира главниот град и комплетно го блокира сообраќајот. Причините се масовна бетонизација, неодржување на постоечката одводна инфраструктура и недоволно ангажман за нејзино подобрување.

„Тие одводни системи прво треба редовно да се одржуваат. Второ, со проширувањето на улиците, изградбата на новите појаси итн., потребно е да се предвидат и таа инсталација на некој начин да се зголеми и тие отпадни вода да можат едноставно да се зафатат.

Сè повеќе од просторот се бетонизира, се асфалтира. Тие води повеќе не се апсорбираат од земјиштето, туку директно се сливаат во некакви зафатни шахти што ги викаме ние, во одводните системи. И често пати, ако тие неправилно се проектираат, како што мислам дека имаме одредени состојби или ги знаеме, видовме каде се јавуваат, значи потребно е да се преземат дополнителни мерки.

Апсолутно има простор секогаш да се надгради тој систем, да се воведе нов колектор, нови зафатни шахти, значи не збориме за некои посебни и тешки специфични градежни зафати, туку едноставни зафати кои што можат едноставно, лесно и брзо да ги разрешат овие проблеми со кои што се соочуваат граѓаните на Скопје“, вели Јосиф Јосифовски, декан на Градежен факултет.

Иако е вообичаено при дождливо време сообраќајот да се одвива со побавно темпо, сепак има повеќе можности да се овозможи непречено движење.

„Со подобрување на атмосферската канализација би се заштитиле од аспект на запушување или несоздавање на одредени вирови на патиштата кои што ги гледаме.


Се согласувам дека на одредени делници се акумулира поголемо количество на вода, не знам дали се сеќавате, истото го имавме и кај Стоковна куќа ‘Мост’ пред неколку години, меѓутоа тоа се реши. Значи, има технички решенија кои што можат да допринесат за да се избегне оваа состојба и тоа треба да се направи и колку што може во најбрз можен рок. Сега, кој ќе го направи… Треба да се направи“, вели Игор Митревски, инженер за сообраќај.

Климатските промени се уште еден фактор што придонесува градовите да имаат потреба од нова или подобра инсталација, односно инфраструктура што ќе мора да се прилагоди на новата реалност. Но критикте се дека со масовната градба особено во атрактивните општини,  недоволно се посветува внимание на севкупната инфраструктура.

Мирјана Јовеска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Правна разврска за насилството во паркот „Ентер“ во Аеродром, што ја згрози Македонија

Дејан Дејан

Премиерот повикува да се повлечат амандманите за Изборниот законик, СДСМ одбиваат

Sasko Dimovski

Невремето за кратко време го потопи Скопје, под вода и подрумските простории на Клиниката за радиологија

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе