Овошјето и зеленчукот се најнови во редот производи со замрзнати цени. Од денес па во наредните 25 дена ќе важи владината одлука.
За државата, ова е начин да се издржи периодот на целосна зависност од увоз, а за граѓаните само блеф и ПР на надлежните, затоа што во паричникот велат – нема разлика.
„Ова требаше порано да се случи, а не да ги кренат цените и сега да се фалат дека ги замрзнале.“
„Колку и да ги замрзнат – џабе е. Што ќе замрзне, за пет денари поевтино?!“
„Прилично е исто, па пазарите дури станаа и поскапи во однос на некои поатрактивни маркети.“
„Замрзнување на цените делумно ќе помогне на домашниот буџет, не многу.“
„Ги зголемуваат за 60%, а ги намалуваат за 7%.“
Доматите може да се продаваат по највисока цена од 70 денари за килограм, краставиците до 75, кромидот до 60, карфиолот до 70, зелените пиперки до 90 денари. Во најголем дел се почитува одлуката.
Според информации на Телма, во некои маркети дистрибутерите побарале да се тргнат производи од рафтовите, сѐ додека во менаџерските кругови не формирале став во однос на новите владини одлуки за замрзнување на цените. Станува збор за леќата и гравот.
Други дистрибутери, пак, побарале целосно да се врати робата со повратница.
Oд ДПИ за ова се прогласија за ненадлежни. Од Пазарна соопштија дека досега се извршени над 250 контроли и надзори и забележани се две прекршувања на oдлуката, за што дополнително ќе бидат издадени соодветни прекршочни платни налози.
„Деновиве, властите излегоа со став дека со замрзнатите цени се ограничува очекуваната заработка на трговците, но дека тие не работат со загуба, бидејќи и во замрзнатите цени е предвидена профитна маржа.“
Претходно, Владата донесе одлука да ја ограничи цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, да се замрзнат и цените на млекото, млечните производи, тестенините, дел од хигиенските производи, јајцата и оризот.
За експертите и за ССМ, мерката за замрзнување е задоцнета додека потрошувачката кошничка е сѐ поскапа.
Петар Догов