Не сум виновен, изјави во судот во Менхетен, Доналд Трамп откако му беа прочитани 34-те точки од обвинението против него за кривично дело, меѓу кои и за фалсификување бизнис документи.
Доналд Трамп стана првиот екс американски претседател кој е формално уапсен заради обвинение за извршено кривично дело.
На првото рочиште тој се изјасни за невин, по обвинението од 34 точки, меѓу кои и за фалсификување бизнис документи. Случајот против Трамп е поврзан со поткупот на поранешната порно ѕвезда Сторми Даниелс, со која имал сексуален однос а потоа се обидел да го купи нејзиниот молк со 130 илјади американски долари.
Во судот во Менхетен, тој беше донесен со конвој од полициски возила и припадниците на тајната служба која ги обезбедува поранешните шефови на американската држава.
По околу 57 минути од сослушувањето, Трамп ја напушти судницата, без да даде коментар, игнорирајќи ги прашањата од новинарите.
Се очекува да се врати во својата куќа на Флорида, од каде ќе и се обрати на нацијата.
