Комуналните работници низ Франција се во штрајк и протестираат против набрзина воведените пензиски реформи поддржани од претседателот Емануел Макрон.
Париз, познат по блескавата титула, град на светлината, деновиве од почетокот на протестите ја менува естетиката. На сите страни купишта смет и преполнети контејнери.
Комуналните работници кои го собираат ѓубрето низ Франција се привилегирани и досега одеа во пензија на 57-годишна возраст. Но со пензиските реформи на Макрон, во иднина треба да заминуваат во пензија на 59 години (генералниот пензиски праг се покачува од досегашните 62 на 64 години возраст).
Синдикатите на комуналците почнаа штрајк поради измените кои мнозинството Французи ги отфрли и однесувањето на Макрон да го споредат со владеењето на апсолутистичките кралеви на Франција затоа што измените ги носеше без доволна парламентарна поддршка.
Градските власти на Париз се договорија со синдикатите да воведат делумни смени за да се намали количеството на смет во главниот француски град. Но, демонстрантите пред комуналното депо во Обервил не попуштаа и се туркаа со полицајците во обид да го спречат излегувањето на камионите за смет.
На крај не успеаја, а камионите заминаа да чистат по Париз.
-Не сме готови со штрајкот. Продолжуваме, ќе се избориме за правата, рече еден од париските комуналци качен на камион кој го прибираше сметот низ францускиот главен град.
Со овој начин на минимална услуга, комуналните претпријатија ќе може да бараат определена наплата за извршената услуга.
Најмногу смет е собран и нафрлан во близина на метро станиците низ Париз каде граѓаните по навика го оставаат своето ѓубре поради најлесен пристап за камионите. Долготрајното оставање на смет на градска локација покрај смрдеата предизвикува и течење на загадени течности како и ширење на бактерии.