На третиот ден од Европското првенство во атлетика во сала што се одржува во Истанбул се поделија недали во шест дисциплини.
Во трката на 400 метри во машка конкуренција Норвежанецот, Карстен Варнхолм по четири години повторно се врати на тронот откако славеше со време од 45 секунди и 35 стотинки. Втор низ целта мина Јулиен Ватрин од Белгија, а трет е Швеѓанецот, Карл Бенгстром.
Кај дамите на истата делница сосема очекувано триумф на Фемке Бол. Светската рекордерка ја одбрани титулата од пред две години во Торино и стигна до вкупно шестото злато на континенталните шампионати на отворено и во сала. Среброто и припадна на сонародничката Леике Клавер, а трета е Ана Киелбасинска од Полска.
Во трката на 1500 метри славеше триумф на Лора Мјуир од Велика Британија пред Романката Михаела Клаудија Бобочеа и Софија Енауи од Полска.
Во трискок кај дамите златото и припадна на домашната атлетичарка Тугба Данишмаз, која доскокна на 14 метри и 31 сантиметар. Втора еДарија Деркач од Италија, а третата позиција и припадна на Португалката, Патриција Мамона.
Во скок со стап во женска конкуренција славеше Вилма Мурто од Финска со прескокнати 4 метри и 80 сантиметри пет повеќе од Словенката, Тина Шутеј, а со бронзата се закити Амали Швабикова од Чешка.
Италијанците доминираа на најкусата патека каде се случи големо изненадување. Прв на целта пристигна Семуеле Чекарели од Италија со време од 6 секунди и 48 стотинки и за два стоти дела беше побрз од олимпискиот шампион на 100 метри, Марсел Џејкобс. Третото место го освои Хенрик Ларсон од Шведска.
ФОТО: Игор Паневски
