Заканите за поставени бомби кои денеска по електронски пат стигнаа на адресите на 15 средни училишта во Скопје се лажни, велат од МВР, по спроведените антитерористички проверки на терен. Денешниот рекорден број дојави за бомби во средните училишта предизвика револт кај Сојузот на средношколци. Од таму велат дека надлежните скоро два месеци од почетокот на заканите не ги открија сторителите, а МОН не даде инструкции како да се надомести пропуштената настава. Од МОН со одговор дека раководствата на школите , согласно правните прописи се должни да најдат начин за надоместување на наставата до крајот на полугодието.
Рекордниот број дојави за поставени бомби, кои утрово стигнаа по електронски пат до 15 средни училишта во Скопје, не сакаше да го коментира министерот за внатрешни, Спасовски. Тој најави соопштение од МВР по истрагата. А, од МВР одговараат дека се работи за лажни закани. Тоа е утврдено по спроведените евакуации на учениците и наставниците и извршените антитерористички проверки.
- Направени се сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта во Скопје, кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа. И утврдено е дека станува збор за лажни пријави, велат од МВР.
Од Сојузот на средношколци се револтирани што надлежните и по скоро два месеци од првите закани кои ги добија скопските средни училишта, не се пронајдени сторителите. Од таму негодуваат и за пропуштените часови на средношколците и велат дека од МОН нема инструкции како да се надоместат.
- Бомбите почнаа кога беше тромесечјето, но сега оваа и таа недела што ни следи е период пре полугодите. Кога всушност се ставаат полугодишни оценки во дневник, односно преку тестови и испрашувања. Самите средношколците се и пред многу интензивен академски период. Башка што од МОН, не беа испратени инструкции како наставниците да ја надокнадат изгубената настава. Не гледаме ни како тој материјал што е изгубен поради бомбите ќе биде соодветно модифициран: Односно самите тестови да бидат изменети, имајќи предвид што се случува цело ова полугодие- Лука Павичевиќ – претседател на Сојузот на средношколци.
Телма контактираше со директорите на средните училишта „ Никола Карев“ и „ Орце Николов“. Двајцата кажаа дека учениците кои губеле часови поради дојавите за бомби ја надоместуваат наставата пред или по завршување на наставниот ден. А, во договор со професорите , се одржува и онлајн настава. Но, директорите се загрижени и очекуваат состанок со МОН, зашто како што велат, доколку дојавите за бомби продолжат и во второто полугодие, ќе биде тешко да се надомести пропуштеното градово, особено од учениците во четврта година кои одат покусо на настава зашто треба да полагаат матура.
Од МОН одговараат дека наставата во скопските средни училишта, каде имаше повремени преќини, мора да продолжи, а училишните раководства, согласно позитивните правни прописи, се должни да најдат начин и до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштените часови.
Заканите за бомби до училиштата започнаа од крајот на октомври, а од минатата седмица мета се и државните институции. За сега , само едно малолетно лице за дојави за лажни бомби во 4 училишта, заработи кривична пријава за тероризам и за него ЈОГОКК отвори предистражна постапка.
Сотир Трајков