– Денеска е мојот најтежок ден, и веројатно ме чека најтешката ноќ. Се надевам и имаме уверување од КФОР дека нема да се преземат насилни дејствија врз демонстрантите, а ние ќе продолжиме да разговараме, порача претседателот на Србија Александар Вучиќ по одржувањето на денешната седница на националниот Советот за безбедност. Повика на мир, на дијалог, на ослободување на уапсениот Пантиќ, но и да не се напаѓаат КФОР и ЕУЛЕКС. На Србите на Косово им порача дека преземени се сите неопходни мерки за да ги заштити и дека Србија е заедно со нив. Тој рече дека Меѓународната заедница се прави дека не гледа што се случува но смета дека западот има начин како да го натера Курти да се однесува пристојно.
Јас не сум сигурен дека тие се среќни поради неговото однесување, би бил премногу наивен и многу глупав кога би помислил дека тие немаат начин да го натераат да се однесува пристојно и да се однесува во согласност со нормалното Меѓународно јавно право. За нашиот народ на Косово и Метохија ќе повторам, она поради кое многумина се загрижени, а тоа е мојата порака, па колку и да им е тешко тоа на сите во овој момент за нашата земја, тоа е нема предавање и ние сме со вас, порача Вучиќ.
Вечерва преку заедничко соопштение се огласија амбасадите на САД во Белград и Приштина со повик да се смират тензиите и да не се злоупотребува апсењето на поранешниот полициски припадник Пантиќ за да се поставуваат барикади. На смирување на тензиите повика и шефот на мисијата на ЕУ, Ларс-Гунар Вигемарк со потсетување дека на масата на која седат Косово и Србија има нов предлог за мирно решавање на проблемот.
Постои нов предлог што е поднесен од Европската унија, со поддршка на Франција и Германија, а исто така и на Соединетите Држави и фокусот сега треба да биде на тоа. Фокусот треба да биде на разговорите, на преговорите, а не на она што се случува на улиците во Митровица или на патиштата што водат до Лепосавиќ или нивните заеднички премини, истакна Вигемарк.
Косовскиот премиер Албин Курти го обвини Белград дека се обидува да го дестабилизира Косово. Тој рече дека Србија, исто така, се обидува да стави крај на дијалогот со посредство на ЕУ за нормализирање на билатералните врски и да го однесе до Советот за безбедност на Обединетите нации, каде Белград се надева дека ќе добие поддршка од Русија и Кина.
Владата на Косово е демократска влада, најпрогресивната влада во регионот на Балканот и сакаме да имаме мир и безбедност за сите граѓани без разлика на нивната вера, етничка припадност, пол или возраст, и законитост и уставност за сите заедници на територијата на нашата република, рече Курти.
Тензиите денеска ги зовре изјавата на лидерот на Српска Листа, Горан Ракиќ, кој го обвини Курти дека вечерва подготвува „Олуја“ за прогон на косовските Срби и дека планира да ја испрати специјалната единица РОСУ да ги разбие барикадите. Косовските сили ги демантираа ваквите наводи.
Александар Петрески
