Вести Македонија Топ вести Топ тема

Хаџиев во „Топ тема“ за набавките без објавување на оглас: Точно е дека има зголемување, но не е толку алармантно

„Не се согласувам со термините „набавки во четири очи“ и „нетранспарентни“. При набавките со преговарање без објавување на оглас, може да се повикаат повеќе понудувачи на преговари. Што се однесува до мислењата на Бирото за јавни набавки за таквите набавки, ние, според закон, ги даваме по два основа – едниот е кога има ексклузивитет, односно кога само еден економски оператор може да достави одредена стока или услуга и вториот е од итност“, изјави Борче Хаџиев, директор на Бирото за јавни набавки, во вечерашното издание на „Топ тема“ на Телма ТВ, како одговор на заклучоците од последниот Извештај на Центарот за граѓански комуникации за зголемен број на тендери во „четири очи“ и сомнежите на сè повеќе фирми за корупција при јавните набавки.

„Точно е дека има зголемување, но зголемувањето не е толку алармантно. Се движи од два до три проценти и тоа е поради енергетската криза, бидејќи многу договорни органи останаа без добавувачи на електрична енергија по раскинување на договорите поради покачување на цените“, вели Хаџиев.

И во случаи кога Бирото за јавни набавки не дава согласност, договорниот орган, вели тој, има право да склучи договор без објавување на оглас, кога станува збор за загрозување на безбедноста и животот на луѓето.

„Тоа се случи во претходниот период на пандемија, кога договорните органи склучуваа договори без објавување на оглас и без согласност од Бирото. Што значи дека Бирото во многу мал дел дава согласност, односно дава мислења дали се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас“, посочи Хаџиев.

Во однос на известувањето што Бирото за јавни набавки го испрати пред, речиси, една година до сите учесници во јавните набавки за што помалку да користат електронски аукции, Хаџиев вели дека тоа било само потсетување до договорните страни дека тие повеќе не се задолжителни.

„Во многу случаи се покажаа како неефикасни. Кога се набавува услуга, е-аукцијата има слаби страни. Во одредени случаи, кога се набавува одредена стока, тогаш е-аукцијата придонесува да има пониски цени. Но, во случаи кога се набавува услуга и на пазарот има неколку фирми, тие можат да се договорат меѓу себе. Ако нема е-аукција, тогаш праќаат затворени понуди и даваат реални цени“, истакна првиот човек на Бирото за јавни набавки.

За дел од постапките кои се над 500.000 евра за стоки и услуги, Хаџиев рече дека Бирото за јавни набавки прави управна контрола, што, пак, не е случај во помалите, по вредност, постапки.

„Кога ќе воочиме неправилна евалуација, ние ги враќаме да направат друг избор. За тоа дали некои економски оператори се правилно или неправилно одбиени, тоа им укажуваме на договорните органи во постапките над 500.00 евра. Кај останатите не го правиме тоа, а дали Комисијата правилно или неправилно отфрлила некој економски оператор тоа не можеме да го знаеме во другите, помалите постапки“, појаснува Хаџиев.

Тој признава дека Бирото за јавни набавки се соочува со хендикеп кој се однесува на недостиг на кадри за формирање на Одделение, ниту Сектор за прекршоци. Тоа, како што рече, било направено пред неколку месеци, но оти во моментот е празно и изрази надеж дека до крај на годината ќе се доекипираат и во 2023 година ќе почне со работа и Сектор за прекршоци.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Три тони кокаин на албанската мафија завршија во рацете на властите во Еквадор

Дејан Дејан

Уште еден „Марш за ангелите“ попладне во Кочани

Дејан Дејан

„Бајач“ од Трубарево измамил брачен пар од Берово за 400.000 евра

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе