Над 20.000 жители и туристи се евакуирани поради голем шумски пожар што избувна во близина на туристичкото место Леж-Кап Фере, југозападно од Бордо. Огнот зафатил повеќе од 31 квадратен километар шумска површина, а властите соопштија дека засега нема повредени.
Во гаснењето се ангажирани околу 700 пожарникари, авиони за гаснење пожари и дополнителни екипи испратени од парискиот регион. Пожарот се доближил на околу 300 метри до првите куќи, поради што, како превентивна мерка, биле евакуирани повеќе населени места и туристички кампови.
Франција и ова лето се соочува со серија големи пожари поттикнати од високите температури и долготрајната суша. Според француското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на годината се регистрирани повеќе од 12.500 шумски пожари, при што изгореле речиси 44.000 хектари земјиште.
