Унгарскиот производител „Икарус“ повторно е избран на тендерот за набавка на 150 електрични автобуси од кои 100 се наменети за Скопје. Во повторената тендерска постапка, цената на еден автобус е зголемена за околу 8.000 евра во однос на првичната понуда. Заедничката понуда на „Икарус“ и ЕВН изнесува околу 51 милион евра без ДДВ, со цена од околу 322.000 евра за еден автобус и 33.000 евра за полнач.
На претходниот тендер, кој беше поништен, истите автобуси беа понудени за околу 314.000 евра по возило. Постапката сè уште не е целосно завршена, бидејќи следува рок за жалби. Доколку договорот биде потпишан, првите автобуси треба да пристигнат по шест месеци од склучувањето на договорот, а целата набавка да биде реализирана во рок од 18 месеци.
