Да се видат цените на производите пред и после кризата, за да се знае каде ќе има намалување, порачуваат од Сојузот на стопански комори (ССК) по стабилизацијата на Блискиот исток и откако премиерот Христијан Мицкоски најави нова методологија на следење на цените на храната и детална анализа на 600 до 700 производи што влегуваат во потрошувачка кошница.
„Може да се види кои биле цените пред да почне кризата, така? – Па можеме да споредиме кои се цените или да се даде извесен период до каде што може да се намалат тие цени. Инаку, логично и рационално е да се размислува на тој начин, доколку другите трошоци се немаат покачено, да се види цените пред кризата и цените после кризата. Единствено тука факторот на покачување цени се практично цената на човечките ресурси, значи каде што имаме информации од нашите членки дека платите се покачуваат, бидејќи има силен недостаток на човечки ресурси“, изјави Горан Ѓорѓиевски, претседател на ССК.
Мицкоски денеска изјави дека тој лично се занимава со идентификување на производите кои најмногу влијаат врз трошоците на домаќинствата и тоа за него е врвен приоритет. Премиерот најави и дека Владата ќе ги анализира цените на секој производ, а доколку треба и ќе се проверуваат и фактурите од добавувачите до маркетите.
Од Сојузот на стопански комори сметаат дека Законот за нефер трговски практики овозможува државата да го анализира формирањето на цените од произведувачот до увозникот, трговецот и на крајот потрошувачот и да донесе конкретни заклучоци.
„Во целиот овој синџир се проанализира кои се цените, производната цена на пример која е, како таа се случува преку трговецот да дојде до финалната цена која што ќе биде икс на крајот. Да се види дали профитните маржи се соодветни и се движат во некоја нормала или пак профитните маржи надминуваат после нели царинските давачки или даночните обврски, надминуваат некои граници кои што се нелогични и неразумни“, додаде Ѓорѓиевски.
Мицкоски порача дека мора да продолжат активностите за намалување и стабилизирање на цените, но не кажа конкретно какви мерки ќе се преземат. Владата имаше средба со претставници на најголемите трговски синџири, а беше договорено годишното зголемување на цените на основните прехранбени производи во јули да биде под три проценти. Следат и средби со производителите, дистрибутерите и добавувачите. Државниот пазарен инспекторат пак ќе ги споредува набавните и продажните цени на исти производи во мај лани и оваа година.
Марија Митевска
