Uncategorized Вести Македонија

Без согласност на СДСМ и Левица, власта ги поднесе измените на Изборниот законик – електронското гласање на дијаспората наскоро пред пратениците

Владејачкото мнозинство и ДУИ заеднички ги поднесоа измените на Изборниот законик во Собранието, СДСМ и Левица се заканија дека ќе ги блокираат, а Независните иницијативи бараат рамноправна можност со партиите да можат да учествуваат на избори.

Измените предвидуваат наместо во дипломатско-конзуларните претставништва, дијаспората да гласа електронски, независните кандидати ќе мора да соберат потписи од 0,8 отсто од регистрираните избирачи, а функционерите нема да може да се рекламираат и да водат кампања од службените профили на социјалните мрежи. Иако беше најавено дека е договорено, останува отворено прашањето за распределбата на државните пари за рекламирање на партиите.

СДСМ ја напушти работната група за измените на Изборниот законик уште пред два месеци, откако Собранието ги изгласа измените на Законот за влада со кој ја укина техничката влада на 100 дена пред избори, како што беше предвидено со Пржинскиот договор од 2015. Партискиот лидер Венко Филипче оценува дека измените го уназадуваат тајноста на гласањето и отвораат можност за изборна кражба. Изговор на власта е дека сакаат да ја исполнат реформската агенда, вели тој.

  • „Без никаква проверка на луѓе коишто не знаеме каде се, наши иселеници, кој ќе им го провери идентитетот. Едноставно пред компјутер ќе може да гласаат и тоа ќе има еднаква вредноста како гласањето во татковината. Тоа отвора ризик од масовно и неконтролирано гласање. Исто како што беше тоа за време на владите на Никола Груевки. Тоа е еден систем којшто е многу опасен, којшто отвора врата за изборна манипулација и кражба од страна на оваа власт“, вели Филипче.

Сегашниот закон не предвидува пари за партиите кои освоиле доволно пратеници за пратеничка група, а не се меѓу четирите најголеми. Со тоа Левица остана без пари за политичко рекламирање. Со измените се исправа таа грешка, но во Левица сметаат дека парите не се распоредуваат праведно. Бараат или да се распоредат праведно или воопшто да нема државно финансирање.

  • „Сегашните пакети се 45-45-7-3, тоа значи дека ние не сме предвидени никаде. Нашиот предлог беше 40-40-10-5-3. Во тој случај се опфатени сите категории што постојат. Тие не беа прифатени, се отишло на варијанта, јас бев брифиран, но не бев дел од процесот, се отишло на варијанта 42-42-8-5-3, но и тоа не е прифатливо за нив. Тоа значи трошки. Колку за илустрација, ние со двајца пратеници земавме повеќе пари за државно финансирање отколку со 6 пратеници, што нема никаква разумна логика“, вели претседателот на Левица Димитар Апасиев.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека било прифатено барањето на Левица по 42 отсто од парите да поделат најголемите четири политички партии – две од власт, две од опозиција, 8 отсто да добијат партиите со пратенички групи, кои не се меѓу четирите најголеми, како што е Левица, 5 отсто за партиите кои немаат пратенички групи и 3 отсто за останатите. Но, поради тоа што Левица не ги поддржува измените, процентите нема да бидат дел од предлогот, а ги повикува Левица да поднесат амандман, а тие ќе им го прифатат.

  • „Тоа што е договорено, чесно е да се испочитува, без разлика што ко-предлагач за распределбата на буџетските средства за рекламирање беше Левица. Не е коректно на работните средби да се бараат буџетски пари за рекламирање, а во јавноста да се глуми девственост и жртва на наводен заговор“, напиша Милошоски на Фејсбук.

За предложените измени денеска имаше остра негативна реакција и од девет независни граѓански иницијативи, кои сметаат дека законот не им дава рамноправно право на учество во изборите со партиите.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе од пет колапси на јавни места претпладнево во Скопје – високите температури ја вжештија линијата на Брза помош

Sasko Dimovski

Владината сложувалка пред финиш: Ресорите поделени, реконструираните имиња сè уште „под клуч“

Дејан Дејан

Девет еколошки организации бараат трајно поништување на концесиите за проектот Иловица-Штука

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе