Почина поранешниот претседател на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Марјан Јованов – Мане на 58-годишна возраст во Скопје.
„На 28.06.2026 во 18:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Карпош, во базен во двор од куќа, бил пронајден починат М.Ј. (58) од Скопје. Од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт без видливи траги на насилство. Извршен е увид, а по насоки од јавен обвинител телото на починатиот е предадено во судска медицина за обдукција“, наведуваат од МВР.
Марјан Јованов беше претседател на ОФМ во периодот од 2007 до 2009 година. Во неговиот мандат беа поставени темелите врз кои подоцна се изградија најголемите успеси на машката сениорска репрезентација на Македонија на меѓународната сцена.
Поради професионални обврски, по две години на чело на Федерацијата се повлече од функцијата, но зад себе остави јасна визија, стабилна организација и тим на луѓе кои продолжија посветено да работат за развојот на македонската одбојка.
Погребот ќе се одржи на 30 јуни 2026 година (вторник), со почеток во 11 часот, на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
Фото: vfmkd.org.mk
