Пакистан изврши воздушни напади и испрати копнени сили во авганистанските провинции долж заедничката граница, при што биле убиени десетици луѓе.
Според талибанската влада на Авганистан, животот го загубиле најмалку 36 цивили, меѓу кои жени и деца, а повеќе од 160 лица се повредени.
Властите во Кабул ги осудија нападите, нарекувајќи ги „кукавички чин“, „злосторство“ и „ѕверство“.
Поинаква верзија доаѓа од Пакистан. Министерот за информации на ова земја, Атаула Тарар, изјави дека во нападите биле убиени 29 милитанти, кои биле цел на операцијата во нивните засолништа. Тој додаде дека нападите биле одговор на „неодамнешните терористички напади врз невини луѓе“.
Пакистан долго време го обвинува Авганистан дека им обезбедува засолниште на терористички групи кои изведуваат прекугранични напади, тврдење што талибанската влада го отфрла.
Од своја страна, Кабул претходно го обвинуваше Исламабад за неиспровоцирани напади во кои биле убиени цивили, иако Пакистан тврди дека неговите операции се насочени исклучиво кон милитанти.
Двете земји минатиот октомври постигнаа договор за прекин на огнот по неколкунеделни крвави судири.
Но, како и претходните примирја постигнати со меѓународно посредство, и ова со текот на времето пропадна.
