Министерството за здравство, врз основа на препораките на Институтот за јавно здравје, апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од топлото време со цел да се избегнат здравствени последици. Препораките се да се избегнува директно изложување на сонце и активности на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот, да се носи светла и лесна облека, а на директно сонце заштитни очила и светлобојна капа со висок свод и широк обод.
Понатаму на граѓаните им се препорачува да останат во затворени и климатизирани простории, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да има почести одмори под сенка. Прозорците и ролетните во текот на денот да бидат затворени и да се отвораат навечер, кога температурата е пониска.
„Внесувајте умерена количина храна. Избегнувајте масна и висококалорична храна како и храна која содржи голема количина на шеќер. Внесувајте доволно течности во текот на целиот ден, без да чекате да почувствувате жед. Најдобар избор е водата за пиење, а може да се консумираат и минерални безалкохолни пијалаци. Избегнувајте алкохолни пијалаци, пијалаци што содржат кофеин и многу ладни пијалаци“, се советите на здравствените власти.
Не оставајте никого во возилото, а за дополнително разладување, ставајте ладни облоги или потопете ги стапалата во ладна вода.
Лицата со хронични болести, особено оние со болести на кардиоваскуларниот систем, невролошките и белодробните болести, потребно е да бидат посебно дисциплинирани по однос на овие препораки и да ја земаат својата редовна терапија. За сите промени во здравствената состојба, задолжително да го консултираат својот матичен лекар.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
