80-тина материјални докази на обвинителството беа на дневен ред на денешното рочиште за 9 мината полицајци.
Тие одговараат дека не направиле соодветни проверки дали “Пулс” има доволно паркинг места и дали имало нарушувања на јавниот ред и мир а дале согласност за да добие лиценца за работа. А токму лиценците, оперативните планови, извештаи од акциски контроли, барање за прекршочни постaпки, план за присуство на полицијата за подобрување на безбедноста на дискотеката но и проблемската информација од кочанската полиција до СВР Штип од 10 ноември 2022. беа меѓу доказите.
Код на Телма претходно објави дека во оваа проблемска информација било наведено дека имало чести нарушувања на јавниот ред и мир и кривични дела во и надвор од дискотеката за време на нејзиното работење таа година
Според обвинителката Спасенка Андонова предложени се документи изготвени од полицајците низ годините, за тоа дали имало нарушување на јавен ред и мир, кривични пријави , дали имало присуство на малолетници во пулс, дали им се точел алкохол и др.
- Голем дел од таа документација вклучитлено и барањата за прекршочна постапка се во насока на докажување на она што е наведено во обвинението дека сепак имало нарушување на јавниот ред и мир голем дел од доказите се однесуваат на сообраќајните решенија. Тие факти на некој начин не биле сериозно земени и била давана согласност која овозможувала добивање лиценца и непречено работење – Спасенка Андонова, обвинителка ОЈО ГОКК.
Одбраната смета доказите на обвинителството се нејасни нафрлани а дел од нив немаат никаква поврзаност со обвинението. Реагираат и за селективност но и дека и дека од МВР и обвинителството не ги добиле бараните докази од истражниот предмет.
Адвокатите додаваат дека немало подзаконски акти кои уредуваат со колку прекршочни пријави не треба да се даде согласност за лиценца.
- Обвинителството сега вади за други години дека имало повеќе прекршоци. Тоа не се ни прекршоци. Вика украдени катализатори и ретровизори од возила пред дискотеката надвор. Тоа не е дел на јавен ред и мир, тоа не е дел на полицијата во однос на проверките за издавање на лиценца. Се што се однесувало на криминал или тепачки надвор од дискотеката не е обврска на инспекторот кој постапува за давање мислење што се случувало во дискотеката. Во дискотеката официјално доказите се дека било мирно, барем од она што го имаме ние – Емил Недков, адвокат на првообвинетиот.
Судењето за 9 минат полицајци продолжува во четврток со сведоци на обвинителството.
Ова е еден од трите предмети за полицајци кои произлегоа од истрагата за пожарот во Пулс. Еден заврши со првостепена условна пресуда за тројца обвинети полицајци за злоупотреба.
Уште еден е во тек каде обвинети се 13 полицајци за предизвикување општа опасност, за начинот на кој се спроведувала акциската контрола во Пулс, на кобната ноќ, кога во пожар животот го загубија 63 млади луѓе а над 200 беа повредени.
Елена Ивановска Мукоска
