Над пет колабирања на јавни места, главно на постари лица, се евидентирани утрово, информираат од Итна помош – Скопје. Високите температури ги зголемија повиците за медицинска помош во службата на чиј телефонски број се обратиле и помлади лица за помош и совет.
„Лицата претежно се жалат на болки во градите, но, има и такви кои чувствуваат вртоглавици и имаат други симптоми“, истакна докторка Ана Џарева.
Таа ги повтори препораките дека треба да се избегнува излегување на отворено од 11 до 17 часот. Доколку може, обврските да се одложат, а во спротивно, да се носи лесна облека, шапка, да се консумира претежно лесна храна, како овошје, зеленчук и свежи салати, да се консумираат повеќе течности, вода и природни сокови и да се избегнуваат пијалаци што содржат алкохол, кофеин, како и тешка, мрсна храна.
Порача редовно земање на препишана терапија од надлежни лица за хронично болните и да се избегнува нагло излегување надвор од климатизирани простории.
