Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Новак Ѓоковиќ ѝ даде поддршка на нашата Лина Ѓорческа пред нејзиниот дебитантски настап во главната ждрепка на Вимблдон. Србинот вели дека го следел нејзиниот настап во третото квалификациско коло и се надева дека наскоро ќе ја посети Македонија.
За првпат во историјата, Македонија ќе има претставник во главната ждрепка на еден грен-слем турнир. Овој успех допре и до седумкратниот освојувач на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ.
Србинот на воведната прес-конференција пред почетокот на турнирот го коментираше успехот на Ѓорческа, одговарајќи на прашање на новинарот Ненад Живановски – Столиќ, кој известува од Лондон за „Макфакс“.
„Да, го следев нејзиниот настап од пред два дена, кога се квалификуваше. Големи честитки за неа и за македонскиот тенис, кој, како што рековте, ја испишува својата историја на овој Вимблдон“, изјави Ѓоковиќ за „Макфакс“.
Ѓоковиќ добро го познава и нашиот најдобар тенисер Калин Ивановски, со кого неколкупати има тренирано, а најави и дека има голема желба наскоро да ја посети Македонија.
„Многу ми е драго за Македонија. Ми се наближува моментот кога ќе ја посетам Македонија. Се надевам дека тоа ќе се случи во блиска иднина, бидејќи имам голема желба да ја посетам вашата земја. Можеби би организирале и нешто со Лина и со Калин Ивановски, со кого имав можност да тренирам во Грција пред настапот на Вимблдон“, додаде Ѓоковиќ.
Целиот текст можете да го прочитате на „Макфакс“ на следниот ЛИНК.
Ѓорческа во првото коло на Вимблдон ќе игра против Аманда Анисимова, која е шеста носителка на грен-слемот. Американката лани играше во финалето, во кое убедливо загуби од Ига Швјонтек без освоен гем. Мечот се игра во вторник, а точниот термин дополнително ќе биде одреден.
