Министерските фотелји се поделени, договорот е постигнат, но картите сè уште не се отвораат. Иако распределбата на ресорите помеѓу коалициските партнери за најавената реконструкција на Владата е принципиелно договорена, сепак конечниот распоред на министрите ќе биде познат по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето дали Вреди го презема Министерството за правда од ЗНАМ и што за возврат ќе добие партијата на Максим Димитриевски, Мицкоски не открива детали, повторувајќи дека нема да коментира пред да завршат партиските процедури.
„Ние не сме разговарале за персонални решенија и за имиња. Принципиелно имаме договор околу ресорите. Јас во минатото кажав дека додека не се заврши седницата на Извршниот комитет на партијата, нема да коментирам ниту ресори, ниту имиња. Почекајте до утре до отприлика дваесет часот и јавноста ќе биде подетално запознаена“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Покрај Фетаи кој поднесе оставка од позицијата вицепремиер за добро владеење, извесно е дека во владиниот кабинет ќе нема место ниту за министерот за социјала, Лимани, а своето заминување од Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците денеска го најави и Иван Стоиљковиќ, кој на социјалните мрежи даде отчет за досега сработеното. Лимани, пак, вели: „ниту една позиција не е вечна“.
„Вечно нема ни позиција, па нема ниту живот. Мислам дека тие што ќе дојдат после нас, на крајот на краиштата ќе бидат милион пати подобри од нас бидејќи се понасочени на сите овие работи“, кажа Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
Вреди очекува шест министерства и вчера во јавноста изнесоа министерски список. Наведуваат дека во реконструираниот владин состав ќе имаат вицепремиер и министер за европски прашања, како и свои кадри во министерствата за животна средина, за правда, за култутра, за економија и за односи помеѓу заедниците.
Додека тие бројат кадри, од опонентот ДУИ стигна оценка: „Вреди е големо ништо во Владата“.
„Влен излезе пред граѓаните со многу јасно и прецизно ветување дека ќе го забрза европскиот пат и дека ќе донесе нова енергија, нова динамика и нов кредибилитет во Брисел, а и дека тоа ќе го направи во првите шест месеци од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Додека паралелно се губат стекнатите права по повеќе основи, европскиот глас на Албанците во Владата е сведен како што вели премиерот на „едно големо ништо“. И ова ништо има свое име, а тоа е Влен. Албанците тоа не го гласаа и не го прифаќаат. И на следните избори, кога и да се тие, Албанците тоа ќе го променат“, вели Бујар Османи, потпретседател на ДУИ.
Претстојната реконструкција на Владата не е ништо друго освен континуитет на богатењето на поединци, без придобивки за граѓаните и со статус-кво по сите основи. Ваква е оценката на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Замената на луѓе во ресорите, замената на различни имиња е нешто што е небитно. Тоа е замена на Курто со Мурто и ништо друго. Граѓаните нема да видат ама апсолутно никаков бенефит од оваа Влада којашто ја води Христијан Мицкоски. Сѐ ќе биде статус-кво, односно квалитетот на живот на граѓаните ќе се намалува. Оваа реконструкција не е ништо друго освен едноставно континуитет на процесот којшто е започнат пред две години – осиромашување на земјава, богатење на поединци, изолација, слепо црево на Балканот и во Европа“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Од Движењето ЗНАМ не коментираат ништо додека не падне конечниот договор за реконструкцијата на Владата. Велат дека детали ќе има кога преговарачките тимови ќе ги завршат своите состаноци и кога одлуките ќе поминат на партиските тела и органи.
Петар Догов
