Фудбалскиот клуб Вардар смета дека Фудбалската федерација на Македонија нема фактичка и правна основа за дисциплинска постапка поради спорната прослава на титулата во угостителски објект. Од таборот на „црвено-црните“ велат дека станувало збор за приватна забава, а официјалната прослава е закажана за утре во Градскиот парк во Скопје, по натпреварот со Шкендија.
Вардар минатиот петок ја победи Струга со 1-0 на гостински терен и математички ја обезбеди шампионската титула на едно коло до крајот на сезоната. По натпреварот се појави видеоснимка од прославата на фудбалерите, стручниот штаб и дел од раководството на клубот во угостителски објект, каде се пееја песни со навредлива содржина, што предизвика бурни реакции во јавноста.
ФФМ во вторникот објави дека против Вардар е покрената дисциплинска постапка поради недолично, потценувачко, дискриминирачко и деградирачко прославување од страна на фудбалерите на клубот.
Вардар испрати допис до ФФМ во врска со постапката, во кој наведува дека Куќата на фудбалот нема правна основа да го санкционира клубот.
Од таборот на македонскиот шампион велат дека станувало збор за приватна забава, а не за службен или официјален настан организиран од Вардар, ниту пак за настан финансиран или координиран од клубот. Според „црвено-црните“, прославата не се случила во рамки на официјален натпревар или протокол на ФФМ и не постои дејствие на клубот како правно лице што би можело да биде предмет на дисциплинска одговорност.
Од Вардар очекуваат постапката да биде запрена и затворена како неоснована.
Вардар утре од 18 часот го игра последниот сезонски натпревар против Шкендија, а од 20 часот клубот ќе ја организира официјалната прослава на титулата со навивачите во Градскиот парк во Скопје.
