Пешаци, моторџии и лица со тротинети постојано поминуваат низ прометната улица кај Бит Пазар, додека дел од возачите запираат за да ги пропуштат, а дел реагираат со свирење. Метежот и раздвиженоста се присутни во текот на целиот ден, а мостот над нив најчесто останува празен.
Граѓаните велат дека преминот им го олеснува движењето, но сметаат дека мора да се преземат мерки и просторот да биде соодветно обележан за да биде побезбеден.
„Не е безбедно. Треба да стават знаци. Луѓето треба да поминуваат тука. Не смее да се затвори. Инаку ќе треба луѓето да идат многу далеку“, вели жителка на Скопје.
„Не треба да се затвори. Луѓето натоварени трчаат за дома. Нека направат пешачки и така ќе биде безбедно. Инаку внимаваат возачите и кога ќе видат дека поминуваме тие застануваат“, додава нејзин сограѓанин.
„Не би требало да има див премин. Има горе мост за да поминуваат луѓе“, смета граѓанка.
„Треба или да се затвори преминот или да се обележи. Јас мислам дека вака сега не е безбедно“, реагира граѓанин.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски вели дека во главниот град мора да има ред и дека безбедноста е приоритет број еден. Објасни дека ќе разговара со министерот за внатрешни работи Тошковски и градоначалникот на Општина Чаир, Меџити за да изнајдат заедничко решение за дивиот премин и безбедноста на пешаците и возачите на овој дел од градот.
„Или тој премин согласно закон да стане легален пешачки премин, ама ќе треба да си го отстранат натпатникот горе за да добиеме сообраќајно решение или мостот горе да стане функционален, а преминот доле да се затвори“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје.
Ѓорѓиевски вели дека продолжува и отстранувањето на нелегалните објекти. Според него, сите времени објекти поставени на јавни површини ќе бидат тргнати.
„Ако земете во предвид многу од тобаката се диво поставени на велосипедски и пешачки патеки. Па оние кои се движеа пешки или со велосипед мораа да се спуштат на коловоз, затоа што на некој некогаш му дозволиле без да плаќа на никој ништо диво да си постави објект каде што тој сметал дека треба бизнис да има“, додаде Ѓорѓиевски.
Вчера екипи на Град Скопје не успеаа да го затворат дивиот премин кај Бит Пазар. Голем број граѓани излегоа на терен и со жив ѕид го спречија поставувањето на метална ограда, по што интервенираше и полицијата.
Тамара Марковска
