Вести Македонија Топ вести

Милошоски ги обвини Абази и Коларевиќ дека намерно игнорирале извештаи на ДЗР за „Мазут„

Обвинителите Ислам Абази и Катерина Коларевиќ намерно ги изоставиле извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во случајот поврзан со набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“, тврди пратеникот Антонио Милошоски. Според него, при прибирањето на доказите во случајот со набавката на мазут, обвинителите  биле селективни во постапувањето, односно повеќе се потпирале на изјави од некомпетентни лица, наместо да обезбедат релевантни докази за набавката на мазут вредна 167 милиони евра. Обвини дека, овие обвинители се пристрасни, непрофесионални и имаат лични и семејни врски, како и политички долгови за нивниот кариерен напредок, поврзани со ДУИ и СДСМ.

-Таму функционира еден тандем. Тандемот се обвинителите Абази и Коларевиќ, кои се нешто како коалиција ДУИ-СДС, но не во собраниските клупи, туку во обвинителството за криминал и корупција.Овој јавнообвинителски тандем Абази и Коларевиќ повеќе е приврзан за нивните ментори Заев, Ахмети и Венко Филипче отколку што е посветен на владеењето на правото и гонењето на организиран криминал и корупција. Со вакви обвинители осомничените како Васко Ковачевски, Јахоски, Сулкоски, Капушевски, Адријан Муча и други секогаш ќе бидат слободни луѓе, наместо да бидат изведени при лицето на правдата, изјави Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО ДПМНЕ.

Милошоски се повика на наоди на ДЗР од 2024 година според кои, при набавката на мазут бил испорачуван производ од различен добавувач од оној наведен во договорот меѓу ЕСМ, ТЕЦ „Неготино“ и добавувачот. Дополнително, како што рече, според стручни лица од ЕСМ, мазутот содржел нечистотии што предизвикувале дефекти во мазутната станица на ТЕЦ „Неготино“.И покрај тоа, бил склучен анекс на договорот со кој вкупната вредност на набавката достигнала 167 милиони евра.

Затоа, повторно го повика Советот на јавни обвинители да го испита постапувањето на Абази и Коларевиќ и да утврди дали имало пропусти во истрагата, а доколку постојат докази за неправилности,  да одговараат пред институциите.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во вторникот соопшти дека ја запрело постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ бидејќи во истрагата, која траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.

По изјавите на обвинителката Коларевиќ дека немало штета ,реагираа и од компанијата ЕСМ, со тврдење дека за сведоци биле повикани технички лица, а не економски вештаци и дека обвинителката постапила паушално и неосновано ги искривила исказите на инженерите пратени на барање на Обвинителството за да ги образложат од технички аспект механизмите на спроведување на спорната набавка, како изговор за прекин на постапката.

Тврдат дека, како директно оштетена страна, во ниту еден момент не биле повикани официјално да се произнесат врз основа на своите прецизни финансиски анализи, за реалната штета поради која и беше почната постапката.

Најавија дека, ќе ги употребат сите можни законски алатки и ќе се бори за правда и надомест за претрпена финасиска штета.

Истрагата се водеше против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата РКМ, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Далиборка Демјанска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Извештајот за непотребните операции на срце поминал на затворена владина седница, откри Клековски без да даде повеќе детали

Дејан Дејан

Руте бара од членките на НАТО јасен план за преземање на поголем дел од трошоците

Дејан Дејан

Украина бара лиценца за производство на ракети за системите за воздушна одбрана „Патриот“ – тоа би било доволно за заштита, вели Зеленски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе