Недостатокот на реални услови за младите, и покрај постоењето на политики „на хартија“, беше во фокусот на излагањето на Гоше Николов, основач и уредник на студентската платформа „Студентарија“, во дебатата „Топ Тема“ на Телма.
Николов посочи дека иако формално е образуван во една област, реалноста го насочила кон друга, каде успеал да создаде простор за делување и ангажман. Тој нагласи дека младите сè почесто ја напуштаат државата, но дел од нив сепак се обидуваат да изградат заедници и да придонесат дома.
„Од моето друштво повеќе се заминати во Германија… но ние најдовме начин да создадеме заедница и да се бориме тука, иако во моментов не се чувствуваме безбедно“, рече Николов.
Говорејќи за суштината на младинските политики, тој потенцира дека достоинствениот живот подразбира основна сигурност и квалитетни услови за живот, нешто што, според него, често изостанува.
„Достоинствен живот за младите значи да знаат дека се безбедни во своите домови, во автобус, каде излегуваат“, нагласи тој, посочувајќи дека трагедии како онаа во Кочани ја разоткриваат разликата меѓу пропишаното и реалното.
Како пример за лоши услови, Николов ја наведе состојбата во студентските домови.
„Во февруари 2026 година, во студентски дом повеќе од 30 часа немаше струја… младите на зимски температури беа оставени без греење и со несоодветна храна. Ако појдеме од ваква ситуација, навистина е фрустрирачки што се дозволува вакво нешто“, подвлече Николов.
Тој дополнително укажа и на неусогласеноста во примената на законите и потребата од поголема активност кај студентите.
„Како е можно законот да важи за студентите кога треба да плаќаат кога станува збор за даночење од страна на УЈП, а да не се применува кога треба да им се обезбедат права и бенефиции како што е зголемување на оброкот секоја календарска година? Време е студентите да се организираат и јасно да си ги побараат своите права“, порача Николов.
Тој заклучи дека квалитетниот младински живот не се сведува само на декларации, туку бара конкретни услови – од безбедност и домување, до здрава животна средина и функционални институции.
Т.Д.
