Шест генерации деца пораснаа чекајќи ги двете градинки што се градат во Битола од 2020 година – едната во поранешната касарна, другата во Нова Битола. Проектите што требаше да го намалат недостигот од места, со години се заглавени, а објектите сѐ уште не се ставени во функција.
Во последните 6 години во Битола се родени над 4.000 деца, а дел од нив веќе ја надминаа потребата за згрижување во градинка.
–Децата пораснаа, запишани беа, ама не стигнаа да одат, почнаа на училиште, вели една баба.
-Се надеваме дека ќе биде за брзо. Каде што ја носам внуката има премногу деца, потешко им е на воспитувачките, додава друга.
Во битолските градинки згрижени се над 1.600 деца. На листа на чекање има 900, а родителите се снаоѓаат како знаат.
Изградбата на градинката во АРМ започна во 2020 година, беше прекината во 2022 по раскинување на договорот со изведувачот, по што следуваа нови тендери и нов договор во 2024 година. И покрај најавите за финализирање, и во април 2026 година сѐ уште се изведуваат градежни работи.
Изградбата е во завршна фаза и се очекува да заврши до крајот на третиот квартал од годинава, велат од Општина Битола.
И градинката во Нова Битола, кај ОУ „Св. Климент Охридски“, започна да се гради во истиот период, но сè уште не е отворена. Од Општината велат дека објектот моментално партерно се уредува, по што треба да биде ставен во функција.
Двете градинки во изградба имаат вкупен капацитет од речиси 400 деца. Тоа би требало да го намали притисокот, но не и да го реши проблемот.
Емилија Мисирлиевски
