Македонската филхармонија вечерва ќе одржи концерт во Бон- Германија , во рамките на манифестацијата „ Денови на Западен Балкан во Северна Рајна- Вестфалија“. Со манифестацијата се чествуваат 5 години од воспоставеното партнерство меѓу оваа германска покраина и Македонија. На концертот што ќе се одржи во салата „Бетовен“, во Бон, со нашата Филхармонија ќе диригира Десар Сулејмани. А, Македонската филхармонија утре ќе настапи во Оберхаузен, во рамките на истата манифестација.
Македонската филхармонија деновиве држеше проби, а во четвртокот одржа и концерт пред домашната публика, како проверка на програмата „Симфониски хоризонти“ со која вечерва се претставува во Бон. Тоа е родниот град на големиот германски композитор и пијанист, Лудвиг ван Бетовен, кој творел на преминот од Класицизмот во Романтизмот и чиј начин на пишување симфониска музика претставува редефинирање на дотогашниот пристап за следните генерации композитори.
Токму во салата „ Бетовен“, во Бон, каде делува истоимен оркестар од овој град, а се одржува и фестивал под тоа име, нашата Филхармонија ќе настапи под диригентство на Десар Сулејмани. Тој е исто така и пијанист, роден во Албанија, а живее и работи во Германија.\
- Како прво , мене ми е многу мило и среќен сум што сум повторно во Скопје, особено на ова место. Сум бил овде порано, но да се изведува и работи со оркестарот е големо задоволство за мене. Дали за прв пат диригирате со него? Да, за прв пат диригирам со оркестарот – Десар Сулејмани- диригент.
- Ова се моменти кои што сите уметници ги очекуваат, да настапат и да ја прошират нивната култура во другите европски земји. Значи, ова е уште еден , многу добар и значаен момент за Македонската филхармонија. Верувам дека ќе се претставиме во најдобро светло за нашата држава- Мустафа Имери- директор на Македонската филхармонија.
На концертот ќе бидат изведени Увертирата од операта „ Поетот и селанецот“ од Франц фон Супе, „ Тешкото “ од Глигор Смокварски, Симфонијата бр.9 во е- мол „Од новиот свет“, од Антонин Дворжак и премиерата на Концертот за виолона и виолончело „Музата и поетот“ оп.132 од Камиј Сен-Санс. Како солисти ќе настапат Паскал Краповски и Сихана Бадивуку, која ќе свири со нашата Филхармонија, 9 години по последниот настап со дело од Сен- Санс.
- Ете, сега имам пак шанса, исто со дело на Сен-Санс, со едно извонредно дело, многу интересно. Мислам дека ќе биде освежување за публиката – Сихана Бадивуку- Хоџа- виолинистка.
- Ова е едно од последните опуси на Сен-Санс, каде што тој се бори со еден нов правец кој што се поставува на меѓународната сцена, а тоа е напуштање на Романтизмот – Паскал Краповски- виолончелист.
Настапот на нашата Филхармонија во Бон е во рамките на манифестацијата „ Денови на Западен Балкан“ во Северна Рајна- Вестфалија, што ја организираа Државната канцеларија на оваа германска покраина и Младинскиот оркестар на Западен Балкан, чиј коосновач и уметнички директор е маестро Сулејмани.
Манифестацијата е организирана по повод петгодишнината од партнерството меѓу Македонија и Северна Рајна – Вестфалија. А, покрај концертот во Бон, утре Македонската филхармонија ќе настапи во Оберхаузен, во рамките на истата манифестација.
Сотир Трајков
Б.С.
