Ние не бараме ништо повеќе, бараме да ни се остави тоа што веќе сме го договориле, порача на денешниот протест Синдикатот за култура на Македонија пред министерството за култура и туризам. Велат преговарањето за нов Колективен договор не смее да биде параван за сокривање на вистината. Причина за протестот е револтот поради започнатата постапка на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура.
„Ние велиме Уставниот суд не смее да биде алатка за реваншизам, не смее да биде средство за казнување на оние кои се гласни, кои бараат што постојат. Но, ова не е прашање на милостина, ова е прашање на права. Поднесовме 800 тужби, затоа што ни беа затворени вратите за дијалог, затоа што министерот одлуките ги носеше сам, со негови експерти, а без синдикатите“, изјави Верица Атанасовска, претседателка на СКРМ.
„Нека се прашуваат зошто протестот е денеска тука, а не пред Уставниот суд, кога Уставниот суд ја донесе одлуката за почнување постапка за уставноста на колективниот договор. Одговорот е затоа што генезата на сите проблеми во културата почнува од оваа зграда, а тоа што донесе одлука Уставниот суд само ја прелеа чашата. Сите проблеми 30 години се од тука, без разлика кој е министер“, рече Гоце Павловски од СКРМ.
„Се наметна наратив дека ние во културата имаме огромни плати и при тоа тој наратив го наметнаа тие кои што земаат 10 пати поголеми плати од нас. Се наметна наратив дека ние земаме исклучително големи плати и тоа се наметна тој наратив од луѓе кои реално земаат помали плати од нас, но наместо да се борат и тие да го достигнат нашето ниво, тие се борат тоа што ние сме го постигнале да ни го одземат“, порача Сања Арсовска од СКРМ.
За министерот Љутков денешниот протест на Синдикатот има политичка позадина, имајќи предвид дека во текот на вчерашниот ден имал средба со претставници на СКРМ и СОНК на која биле направени првите чекори за откочување на преговорите за Колективниот договор, да се продолжи дијалогот и да се изнајдат прифатливи решенија во интерес на вработените во културниот сектор.
„Тоа треба да го оценам повторно како едно политичко делување од страна на овој синдикат, а не синдикално делување што и се потврди во изминатите неколку месеци. Ако денеска навистина има протест, тоа само ќе го потврди фактот дека раководството на тој синдикат е под силно политичко влијание и сите негови постапки ги оценувам со политичка позадина“, одговори министерот за култура, Зоран Љутков.
На денешниот протест даде поддршка и Сојузот на синдикати на Македонија.
Нина Стефанова
