Ќе се апсат ли поранешни високи функционери од владите на СДСМ? – Премиерот денеска изјави дека има такво чувство, но негираше дека има и информации, велејќи дека во државата мора да има еднакви услови за сите, без разлика дали некој е сегашен или поранешен висок функционер.
„Имам чувство дека набргу високи функционери од претходната Влада, како и нивни блиски од семејството, ќе бидат опфатени со одредени прогони, не велам дека имам информации“, изјави премиерот.
Мицкоски рече и дека го загрижува фактот што опозицијата не го повикува и Васко Ковачевски да се врати во земјата и да се соочи со правдата. Поранешниот директор на ЕСМ е меѓу 13-те осомничени лица за злоупотреби со набавка на мазут и перење пари и во моментов е во бегство.
Од СДСМ му вратија дека имаат чувство за неговата иднина.
„Имаме чувство дека стравот му влезе длабоко во коски на Мицкоски, дека го чека истата судбина како и Груевски, само што овојпат ќе мора да се соочи со неа – дали како Ванчо, ќе видиме! Имаме чувство дека Европското обвинителство веќе го има предметот за Орбановите бизнис-комбинации, во кои е вмешан и самиот Мицкоски“, одговорија од СДСМ.
„Имаме чувство дека граѓаните на Македонија многу наскоро ќе чујат шокантни детали за договорите Орбан – Мицкоски – Вучиќ на Балканот“, додаваат од СДСМ.
Но, сепак, велат, ова е само чувство, а де факто и де јуре знаат дека за сето ова ќе мора да се одговара – пред домашното и пред меѓународното правосудство.
Далиборка Демјанска Цветановска
