Собранието денеска треба да одлучува за именување нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика за која функција предлог-кандидат е Ацо Ристов на местото на поранешниот Марко Бислимоски, како и за предлогот за именување на Ана Митреска и Игор Величковски за вицегувернери на Народната банка.
– Ацо Ристов е дипломиран електроинженер со долгогодишно работно и проектно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи. Искусен менаџер со докажана експертиза во управување со комплексни градежни, енергетски и индустриски проекти, вклучително хидроелектрани, електроенергетски системи, пречистителни станици, пумпни системи и индустриска инфраструктура. Поседува силни компетенции во проектен менаџмент, техничка координација, надзор и стратешко планирање. Ристов е член на Комора на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија со овластување А за проектирање, надзор и изведба на објекти од прва
категорија, наведува Комисјата за прашања на изборите и именувањата во предлог-одлуката што ја усвои на 17. минатиот месец.
За неговата кандидатура седум членови гласаа за од комисијата за именувања, а двајца против. Ристов е и поранешен градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2021 до 2025 година.
Неговата сопруга Данка Ристова е членка на Судскиот совет. Ристов пред кандидатурата ја отстапи неговата компанија за проектирање и изградба на мали хидроцентрали. Кандидатурата на неговиот противкандидат Шамил Реџепи беше отфрлена поради непотполна документација.
