Американци ќе копаат антимон во близина на кривопаланечкото село Луке. Ретката руда потоа ќе се извезува во САД, каде ќе се преработува во посебна топилница што ќе се гради за оваа намена, најави премиерот. На американски инвеститори ќе им биде понуден и проектот „Чебрен и Галиште“.
„Тоа се неколку области во кои што очекуваме да се постигне голем напредок, а истовремено да се промовира една инвестиција во еден значаен производен објект, а тоа е рудата антимон, која што ќе се експлоатира во близина на кривопаланечкото село Луке. Редок минерал, нешто кое што навистина може за нашата економија да значи многу. Истрагите таму се веќе при крај и очекувам тоа многу скоро да биде започнато. Рудата ќе се извезува во САД, а од инвеститорите имам информација дека топилницата би се градела во Оклахома во САД. На потенцијални американски инвеститори ќе им биде понуден и проектот „Чебрен и Галиште“, нешто што е моја лична цел и желба“, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Антимонот е ретка минерална суровина, која има примена во енергетиката и електрониката, особено во производството на батерии, огноотпорни материјали и легури, што го прави стратешки важен ресурс на глобално ниво.
Мицкоски најави инвестиции и во дата центри, за што рече дека веќе имал средби со четири инвестициски компании, а на дел од нив веќе и се работи.
Меѓу останатите теми на кои ќе се разговара на втората сесија од стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД, што денеска се одржува во Вашингтон, се и соработка во дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, апликациите, билатералната соработка, енергетиката, инфраструктурата и одбранбената индустрија.
Владината делегација ја предводи министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, а учествуваат и министрите за внатрешни работи, Панче Тошковски, за одбрана – Владо Мисајловски, за дигитална трансформација – Стефан Андоновски, како и министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Американската делегација ја предводи заменик државниот секретар Кристофер Ландау.
Далиборка Демјанска Цветановска
Б.С.
