Вести Свет Топ вести

САД со ултиматум до Иран: Прифаќање на ултиматумот или „враќање во камено доба“

Иран има рок до 2 часот по полноќ во среда по средноевропско време да го прифати американскиот ултиматум за прекинување на војната на САД и Израел против Исламската република или ќе ги вратиме во каменото доба. Ова е накусо централната порака на денешните изјави на американскиот претседател, Доналд Трамп.

Сега имаме на власт режим кој делува дека е многу повеќе подготвен за договор, оценува Трамп, додавајќи дека Иран може да биде „уништeн за една ноќ“, што „можеби“ и ќе се случи во вторник — рок кој и претходно го постави за властите во Техеран повторно да го отворат за поморски сообраќај Ормутскиот теснец.

Трамп нема и никаков проблем да се закани со напади против електричните централи и мостовите во Иран, цели кои според Женевската конвенција најчесто се сметаат за воени злосторства. Но, она што е шокантно дури и за Трамп е кога се обиде да ја увери јавноста дека дури и Иранците би го поддржале нападот против виталната цивилна инфраструктура.

  • „Рековте дека Иранците би биле лути ако запрете со нападите. Но, зошто би сакале да ја уништите нивната инфраструктура? Да ги оставите без струја? Зарем тоа не е казнување на Иранците за постапките на режимот?“, го праша новинарката претседателот Трамп.
  • „Тие би биле подготвени за ….И тоа е страдање. Подготвени се да поминат низ тоа страдање за да имаат слобода. Иранците…а ние имавме бројни такви пораки – Ве молиме, продолжете со бомбардирањето! Бомби кои паѓаат во близина на нивните домови. Ве молиме продолжете со бомбардирањето! Направете го тоа. Ова се луѓе кои живеат во близина на местата каде експлодираат бомбите! И кога ќе престанеме и не ги напаѓаме тие области, ни велат: ве молиме, вратете се, вратете се! Ова е народот“, одговори Доналд Трамп, претседател на САД.

Трамп сепак не доби потпрашање дали истото го чувствуваат и жителите на градот Минаб, каде во првиот ден од војната, со американски проектили беше срамнето се земја училиште за девојчиња, при што беа убиени меѓу 150 и 175 лица, најголем дел од нив девојчиња на возраст од 7 до 12 години.

Трамп истовремено изјави дека предлогот изработен од земји кои се обидуваат да договорат 45-дневно примирје е „значаен чекор“, но „не е доволно добар“. Станува збор за предлогот составен од дипломатите на Пакистан, Турција и Египет, замислен како основа врз која подоцна може да се постигне сеопфатен договор меѓу завојуваните страни. Но, освен тоа што предвидува првично примирје во траење од 45 денови, ништо друго не е познато за него.

Но, иранската државна агенција ИРНА соопшти дека официјален Техеран го поднел својот одговор на американскиот предлог за завршување на војната. Според агенцијата, одговорот на Иран е дека се отфрла предлогот за прекин на огнот, при што се потенцира потребата за постојано завршување на војната.

Истовремено, претставниците на исламската република бараат прекин на насилството во целиот регион, договарање на протокол кој ќе обезбеди безбеден сообраќај низ Ормутскиот теснец како и реконструкција на Иран и укинување на санкциите.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Белата пена во водите на Вардар исчезна – но причинителот останува непознат

Дејан Дејан

Бројот на новозаболени со стомачни тегоби во Гостивар се намалува, но техничка вода во чешмите се уште нема

Дејан Дејан

Данокот на имот во Скопје ќе се пресметува според реалната пазарна вредност на недвижностите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе