Немаме проблем со истражувањата, туку со средства за да се спроведат тие. Ова денеска го кажа директорот на Државниот архив на Македонија, на свеченоста по повод 75 години постоење на институцијата, одговарајќи на новинарско прашање, дали ни се достапни архивите во Турција. Богески одговори дека имаат склучен меморандум за соработка со Архивот на Турција и се фокусирани на граѓата од Османлискиот период, поради петвековната врска со Македонија.
- Единствен проблем се финансиските средства. Кога ќе имаме доволно економски, односно финансиски средства за истражување, ние праќаме истражувачи таму, рече Димитар Богески, директор на Државниот архив на Македонија.
Во Архивот се работи на Програма за истражување во странство на документи поврзани со Македонија. Тоа е скапа активност, признава Богески, зашто кадарот треба да престојува таму, да истражи и тоа што ќе го најде да се дигитализира и врати дома. Директорот се пожали и на недостаток на информатички кадар , кој што како што рече, е поширок проблем , за чие решавање се снаоѓаат.
- Што се однесува до кадарот, особено во информатичката технологија ни фали кадар. И не само кај нас, туку фали кадар во целата држава. Но, се снаоѓаме. Праќаме луѓе на обука, вели Богески.
Државниот архив е сместен од 2014 година во зграда со Уставниот суд и Археолошкиот музеј . За изградбата на објектот, како дел од проектот„ Скопје 2014“, беа потрошени над 42 милиони евра. Но, институцијата во која секој документ е дел од македонската историја и идентитет се соочи со проблеми со протекување на кровот, особено од 2018 година наваму, а несреќно решение е и што се наоѓа близу Вардар, коментираа експерти. Но, директорот вели дека депоата се во фаза на санација, а оштетените документи се конзервираат и реставрираат од нововработен кадар. Според Богески, во тек е пилот проект за софтвер , на кој што за научни потреби и за јавноста ќе се закачи дигитализираната архивска граѓа. Ќе изготват и План за техничките услови на институцијата, што ќе го презентираат пред владата, за нов Државен архив на Македонија, за следните 100 години.
Сотир Трајков
Б.С.
