Ново поскапување на горивата. Цената на бензините скокна за 7, а на дизелот за 6,5 денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). За една недела, ова е второ зголемување на цените на нафтените деривати. Па така, со корекцијата направена минатиот понеделник кај бензините е повисока за 12 денари, а кај дизелот за над 20 денари. Стопанствениците и експертите алармираат – ако не се преземе нешто, следува бран поскапувања.
Од Стопанската комора за Телма соопштија дека сега на удар е транспортот, па другите дејности.
„Состојбата е крајно загрижувачка. Ова е второ поскапување на горивата за краток период и секако дека ќе се одрази и на цените во други гранки. Прво на удар ќе биде транспортниот сектор, а потоа се очекува да се зголемат и цените во оние дејности, каде голем удел во производството имаат енергенсите. Дополнителен проблем е и тоа што поради зголемувањето на цената на гасот, се очекува скок и на цената на струјата“, коментираат од Стопанска комора.
И дел од економските со предупредување – поскапувањето на горивата ќе повлече повисоки цени и на другите производи.
„Ќе се одрази на сите други цени, ќе се покачат транспортните трошоци, затоа што многу фирми, пекари или што и да е, затоа што користат горива, после тоа ќе се одрази и на цените на храната на се останато“, изјави за Телма, Бранимир Јовановиќ од Виенски институт.
Според Јовановиќ, владата доцни. Уште минатата недела требало да се интервенира, затоа што вака свесно се прави инфлаторен скок, нешто што се случи за време на претходната криза, кога поради немање мерки инфлацијата дојде и до 19 отсто.
„Се разбира, ако треба да се зборува со фирмите и ако фирмите кажат не можеме да функционираме вака, нашите цени се зголемени. Исто така може да се преговара со нив да се најде некои мерки, некоја поддршка, да се намали некоја давачка, ама мора да се спречи овој првичен удар, затоа што ако не се спречи ќе завршиме исто како во 2022 година, кога имавме енормна инфлација, а десетици илјади луѓе западнаа во сиромаштија“, додава Јовановиќ.
Нафтената компанија ОКТА, пак, до крајот на март воведува попуст од два денара по литар гориво за сите трговци кои набавуваат од нив. Сепак, од „Макпетрол“ посочуваат дека сè уште од добавувачот Окта немаат добиено официјално известување за намалувањето на цената, кое беше најавено на прес -конференција минатата недела.
Дополнително, според „Макпетрол“, со оглед на состојбата, се очекува цените на суровата нафта и понатаму драстично растат, а тоа значи дека трговците и натаму ќе бидат принудени да работат со загуби.
Премиерот Мицкоски, пак, пред неколку дена повторно кажа дека ако има потреба ќе се спушти ДДВ од 18 на 10, па ако треба и на 5 отсто. Ова е само една од мерките со кои може да се интервенира.
Ирена Чачкова
