Стратешките партнери би требало да ѝ помогнат на Македонија во евроатлантскиот процес, повика претседателот на МАНУ во своето годишно обраќање. Предлогот со предвидено одложено дејство, за него е солидна основа за компромис во спорот со Бугарија, а соработката во културата и науката, како и инфраструктурните проекти би можеле да бидат мост на кој ќе се сретнат политичарите.
- Работите на глобално ниво се менуваат од ден на ден, Македонија е мала и сиромашна земја, поделена по повеќе основи и мора да реагира навремено, а истовремено и да чува одредена неутралност, од неа секако не4 зависат работите. Сметам дека нашите стратегиски партнери треба да ѝ помогнат на Македонија што поскоро да го заврши евроинтегративниот процес, затоа што секакво понатамошно жртвување и одложување губи секаква смисла- рече Живко Попов, претседател на МАНУ.
Стратешкото партнерство со САД и Велика Британија, според Попов, може да ѝ донесе корист на државата, особено во она што може да следува како воено-политичко и економско сценарио, со кое нашата мала земја не може да се справи сама, без силни партнери. На домашен план, една од пречките за справување со предизвиците при отворање на поглавјата за членство во ЕУ, според него, може да биде и партизацијата на институциите.
Партизацијата, според Попов, доведе и до нефункционален правен и здравствен систем. Реформите во правниот систем ги оцени како квалитетни, но со слаба имплементација. Ја поздрави и здравствената реформа, особено дигитализацијата, но побара таа да биде компатибилна со приватните здравствени установи, каде се лечат осигуреници на ФЗОМ.
Се противи на формирање на уштее ден Медицински факултет, затоа што смета дека четири медицински факултети може да си дозволат само најбогатите држави како Данска, која има 7 милиони население.
Двомилионско население, вели, може да произведе квалитетни професори и доволен број на пациенти за едукација на студенти за разни заболувања едвај за еден факултет.
Меѓу сериозните предизвици на државата ги наведе и демографските проблеми, иселувањето, намалувањето на наталитетот, стареењето на населението и масовното доселување во главниот град. Сето ова, вели, бара сериозна анализа и проекти.
Далиборка Демјанска
Б.С.
