Вести Свет Топ вести

Трамп доби од Сенатот „одврзани раце“ за војната на Блискиот Исток

Со гласањето во Сенатот синоќа и поддршката од републиканците, американскиот претседател Трамп доби потврда на својата стратегија и легитимитет на неговите потези на Блискиот Исток. Сега тој има „одврзани раце“ да ги продолжи воените операции против Иран без да мора да се соочува со правни пречки од Конгресот. Откако мнозинството гласаше против резолуцијата за „воени овластувања“ со која требаше да се ограничат неговите овластувања, сега позицијата на Трамп како Врховен командант е зајакната. Демократите во Сенатот предупредуваа на опасност од „нова вечна војна“, додека администрацијата на Трамп, предводена од министерот за одбрана Пит Хегсет, тврди дека нападите се неопходни за националната безбедност и дека операцијата би можела да трае уште неколку недели.

На терен тензиите на Блискиот Исток повторно ескалираа- Иран лансираше нов бран ракети кон Израел, а израелската армија започна нова офанзива врз воена инфраструктура во Техеран, како и врз цели на Хезболах во Бејрут. Азербејџан го обвини Иран за извршување напади со беспилотни летала на негова територија, при што има и повредени цивили. Но, Техеран негира.

Ирански воен брод што беше потопен од американска подморница во близина на Шри Ланка учествувал во поморски вежби организирани од Индија пред да се упати во меѓународните води во Индискиот Океан на пат кон дома, соопшти Њу Делхи. Морнарицата на Шри Ланка пронајде 87 тела и спаси 32 ирански морнари. Иранската државна телевизија денеска емитуваше порака од ајатолах во Иран во која се повикува на „пролевање“ крв на Израелците и на Трамп.

Лидерот на Хезболах, Наим Касем, во своето прво јавно обраќање откако групата се вклучи во војната, изјави дека организацијата нема да се разоружа и ќе продолжи со борбата против Израел. Тој истакна дека „сè додека постои израелската окупација, отпорот и неговото оружје се легитимно право“.

Според последните извештаи од теренот билансот на жртвите во конфликтот на Блискиот Исток продолжува да расте. Според ирански извори во најновите напади убиени се повеќе од 450 луѓе, како припадници на Револуционерната гарда, така и цивили. Европската комисија соопшти дека во моментов не се очекува конфликтот во Иран да предизвика масовна миграција кон Европа.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сончево со мала до умерена локална облачност – Временска прогноза за 28.7.2026

meteo

Судири меѓу демонстранти и полицијата пред парламентот во Тирана – приведени неколку лица

Sasko Dimovski

Нема меѓуинституционални договори за стационирање на артефакти во услови на кризи

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе