Судијата Ѓоко Ристов од средата не одел на работа во Апелациониот суд во Скопје. Отворил боледување од 14 јануари, дознава Телма. И додека Ристов боледувал ОЈО ГОКК се поготвувалo да изврши претреси по кои во куќа на неговите родители соѕидани беа пронајдени 350 илјади евра. Прашавме во МВР дали Ристов го искористил својот пасош и ја напуштил земјава, но конкретен одговор не добивме.

„Во однос на Вашето барање за доставување на информации, Ве информираме дека податоци за преминување на државната граница (влез или излез од државата) можат да се достават исклучиво по официјално барање од надлежна институција во рамки на законски утврдена постапка, или по писмено барање поднесено лично од засегнатото лице, согласно важечките законски прописи за заштита на личните податоци и правата на граѓаните“, велат од МВР.
На прашање дали неговото име и презиме е ставено на Стоп листа, од МВР со сличен одговор дека постапуваат по барања на надлежни органи. За да биде приведен Ристов потребно е да му се одземе неговиот имунитет. До Судскиот совет се уште не стигнало такво барање за судијата кој сега се сомничи за противправно стекнување и прикривање на имот. Членот 65 од Законот за судови предвидува кога може судија да биде приведен.
„Судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет на Република Македонија, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. За одземање на имунитетот на судиите одлучува Судскиот совет на Република Македонија. Постапката за одлучување за одземање на имунитетот на судијата е итна“, се наведува во законот.
Парите беа пронјдени во претрес на куќа на неговите родители во Неготино. Но, претходно била проверувана викендица на судијата во близина на Неготино, а пред еден месец имало и претрес во друг објект. Се користеле и специјални апарати за проверка на внатрешноста на ѕидовите. Се наоѓале во празен простор зад ѕид од цигли врз кои имало и плочки. На ист начин како што прават мексиканските нарко-картели.
Истрагата е отворена на средината на декември, по апсењето на адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа кој како бранител на бегалецот Љупчо Пецов Ѓаволот му зел 50.000 евра за да му „среди“ и подмити судија за замена на затворскиот притвор со домашен. Не се откри идентитетот на судијата, само дека е од Апелациониот суд. Стафа заврши во притвор, а Пецов, кој е сограѓанин со Ристов, односно поттекнува од Неготино после двегодишно бегство доби куќен притвор.
Марија Митевска
Б.С.
