Околу 160 верници денеска скокнаа во студените води на реката Вардар во потрага по светиот крст, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици. По свечената молитва, поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, го положи крстот во водите на Вардар.
Дваесет и четиригодишниот Дарко Митровиќ годинава беше среќникот што го фати крстот во водите на реката Вардар.
Дел од учесниците велат дека во студените води скокнале од верба во Бога, со желба за здравје и среќа, а меѓу нив годинава имаше и една девојка.
За разлика од изминатите години, времето годинава беше потопло, со неколку степени над нулата. За безбедноста на учесниците се грижеа над 25 волонтери на Црвениот крст, при што најголем ангажман имаше тимот за спасување од вода.
Во еден момент дел од учесниците имаа тешкотии при излегување од водата, по што интервенираше спасувачкиот тим.
Церемонијата започна со богослужба во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, од каде верниците се упатија од црквата кон мостот „Слобода“ каде крстот беше положен во водите на реката Вардар.
Тамара Марковска
